Безбеден интернет за безгрижно детство – Кабтел најавува активности за заштита на децата на интернет

- Advertisement -

Според статистичките податоци на Internet Word Stat, заклучно со 30 jуни 2017 година, 1.503.315 граѓани на Република Македонија користат интернет или 72,2% од вкупната популација. За споредба, во 2000 година кога за прв пат е извршено вакво истражување, Македонија имала само 30.000 интернет корисници.

Според истиот извор, Facebook како социјален медиум го користат речиси 50% од вкупната популација на Република Македонија, каде предничи популацијата на најмлада возраст.

Според извештајот на Државниот завод за статистика на Република Македонија, бројот на домаќинства кои користеле интернет во првото тримесечје од 2017 година изнесувал 74,5%, а 61,9% користеле интернет секој ден или речиси секој ден. Дополнително, високи 82.5% од корисниците на интернет во овој период употребиле мобилен телефон или паметен телефон за пристап на интернет.

- Advertisement -

Земајќи ги предвид овие податоци, безбедноста во интернет просторот особено на децата станува сè поважно прашање, особено во време на масовна дигитализација и употреба на интернетот од страна на сите генерации.

За таа цел, во текот на овој месец започнува со реализација пилот проектот „Безбеден интернет за безгрижно детство“ кој ќе биде реализиран во дел од основните училишта во општина Карпош. Овој Проект ќе биде спроведен од тим специјалисти за нови медиуми, а поддршка на овој Проект веќе дадоа Министерството за образование и наука, како и Општина Карпош.

- Advertisement -


Пилот проектот „Безбеден интернет за безгрижно детство“ ќе биде целосно поддржан од страна на реномираната ИКТ компанија „Кабтел“. Оттаму информираат дека во рамките на програмата за општествена одговорност на компанијата во текот на цела 2018 година особено внимание ќе стават на онлајн заштитата на децата и безбедното користење на интернет.

Целта на овој пилот Проект е да ги детектира ризиците со кои се соочуваат децата, родителите и наставниот кадар при користењето на интернет и социјалните медиуми, како и да понудат препораки и решенија до надлежното министерство и единиците на локалната самоуправа со цел надминување на овие опасности и користење на позитивните страни на дигитализацијата од страна на децата во процесот на раст и развој, како и во рамките на воспитно – образовниот процес.

- Advertisement -

„Среќни сме што наидовме на поддршка кај општина Карпош и надлежното министерство за образование во спроведувањето на овој Проект. Нашата цел е со заеднички сили да се посветиме на адресирање на проблемот со заштита на децата во интернет просторот, бидејќи овие теми предизвикуваат сериозна загриженост кај родителите, но и кај сите чинители во образовниот процес. Заедно со Кабтел, во текот на овој месец планираме и повеќе медиумски гостувања во рамките на кои ќе разговараме за начините на кои може да придонесеме за поголема безбедност на најмалите во онлајн просторот“, вели Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми, кој воедно е и предводник на тимот кој ќе го спроведе пилот Проектот „Безбеден интернет за безгрижно детство“.

Сподели!
- Advertisement -