„Ретвитни оброк“ – смени го светот

- Advertisement -

Во Македонија има многу луѓе кои не можат да си дозволат ниту основен оброк, а храна секојдневно се фрла. Апелираме до сите граѓани, секое парче храна што ќе им остане да не го фрлаат, туку да го споделат со оние на кои им е потребно, велат од неформалната граѓанска иницијатива која готви храна за бездомници и социјално загрозени, „Ретвитни оброк“.

Секојдневна борба за нив е да ги убедат луѓето во Македонија секогаш кога ќе имаат можност да зготват нешто и да го споделат тоа со лицата кои се финансиски немоќни, како и секогаш кога ќе им остане храна да не ја фрлаат туку да ја дадат, со цел макар еден гладен човек да биде нахранет.

„Привичните иницијаторки беа две девојки кои на Твитер напишаа, луѓе зошто сликаме фотографии од храна, ги прикачуваме, а подоцна таа храна не оди никаде, останува, не се јаде, се фрла… Ајде да смислиме како тоа што го споделуваме како фотографија, да биде за некого оброк. Подоцна во конверзацијата се приклучија уште неколкумина и почнавме да зборуваме како да го направиме тоа и како да се спроведува секоја недела“ раскажува Ана Голејшка, девојката која веќе трета година е дел од екипата на „Ретвитни оброк“.

- Advertisement -

Голејшка наведе дека подоцна луѓето на кои им се допаднала идејата се состанале и се договориле да готват секој петок, а оброците да ги делат во сабота. Оттука наишле на првиот проблем – кои се лицата кои имаат потреба од храна, но набрзо проблемот бил решен бидејќи здружението „Вистински дела на љубезност“ ги упатило кон кого да ја насочат помошта.

„Кога стартувавме на 4 април пред три години се собравме кај една од девојките и зготвивме 50-60 оброци. Потоа секој петок се собиравме секаде каде што ни беше отстапена слободна кујна и носевме со нас се што ни е потребно за да готвиме. Пред одреден период едно од момчињата ни ги обезбеди просторот во кој денес готвиме. Сметам дека најголем проблем е тоа што не постои некоја социјална кујна или институција, каде би можеле да волонтираме“, објасни девојката која редовно готви за Ретвитни оброк.

- Advertisement -

Таа нагласи дека денес дваесеттемина активно готват меѓу 130 и 150 оброци секој викенд. Храната секоја сабота се дели во 13 часот зад Спомен куќата на Мајка Тереза во Скопје.

„Кратко време откако почнавме да готвиме за бездомници и социјално загрозени лица дојдовме до заклучок дека, за жал, тие луѓе навистина немаат каде да јадат за време на викендите и дека тој еден оброк им е единствено безбедно, нормално јадење“ нагласи Голејшка.

- Advertisement -

Таа наведе дека тоа што сакаат да го постигнат како екипа е да се покрене свеста на луѓето секогаш кога ќе имаат вишок храна во домот или во ресторан да ја земат и да ја споделат со некој на кого навистина му е потребно. Но, констатираше Голејшка, тоа оди бавно бидејќи луѓето во Македонија сметаат дека е срамно да ја побараат храната што им останала во ресторан, како и да ја споделат.

„Ретвитни оброк за три години мислам дека освен што стана простор за да се запознаваат луѓе и да учат да готват, стана и синоним за некаква солидарност што се разви сосема природно“ истакна Голејшка.

Таа наведе дека е тешко сето тоа да се одржи во континуитет, но дека функционира, бидејќи сите луѓе кои готват за бездомниците и за социјално загрозените лица се водат од истата мисла, дека додека тие се хранат секојдневно, некој нема дури ниту за основен оброк.

Голејшка нагласи дека прво нешто што треба да се промени во Македонија се законите за донирање на храна, односно фрлањето храна, бидејќи растораните фрлаат многу храна затоа што не смеат да ја донираат доколку не е правилно средена, како и дека има многу ѓубре од храна што е срамно за држава што е сиромашна како нашата.

Останува надежта дека во најскоро време ќе се покрене свеста кај сите луѓе и секој кога ќе има можност ќе донира храна. Она кон што треба да целиме е лицата кои имаат потреба од оброци, бидејќи немаат финасии за тоа, да добијат место каде што секојдневно ќе можат да земат по макар еден оброк. Ниту една уста да не остане ненахранета.

МИА

Сподели!
- Advertisement -