Од земјите во нашиот регион, рангирана е Словенија на деветтото место каде се рециклира 45,8% од отпадот!
Со најдобра статистика за рециклирање во светот може да се пофали Германија. На второто место доаѓа Австрија, а потоа следуваат Јужна Кореја и Велс. Овие четири држави успеваат да рециклираат помеѓу 52% и 56% од нивниот отпад. На петто место е Швајцарија, која пак рециклира скоро половина од отпадот, објави Светскиот економски форум.
Извештајот кој бил подготвен од еколошката консултантска организација Eunomia, она што е заедничко за овие држави е владината политика која поттикнува рециклирање преку чии програми се олеснува селектирањето на отпад во домовите, се финансира рециклирањето и се нудат финансиски стимулации.
Некои држави, како на пример Велс, имаат амбициозни цели за рециклирање. Велс планира до 2050 година да го намали отпадот на нула. Причината поради која оваа европска држава ги надминува голем дел од останатите држави во рециклирање е политичкото лидерство и инвестициите во рециклирање. Велс е глобален лидер во рециклирање и се очекува да ја надмине дури и Германија во текот на оваа година.
„Ова истражување го спроведовме за да ги идентификуваме вистинските лидери во рециклирање и да ги споделиме добрите пракси преку промоција на она што овие држави го прават.“, изјавил Роб Жилс од Eunomia кој е автор на извештајот.
Со овој извештај авторите сакаат да ја подигнат свеста за рециклирањето во вистински смисол на зборот. Иако на пример постојат податоци дека во Шведска се рециклира скоро целиот отпад, тоа не е правилно рециклирање бидејќи Швеѓаните го согоруваат отпадот за да генерираат енергија. Сличен е случајот и со Сингапур каде наводно се рециклира 60% од отпадот, но всушност станува збор за комерцијален и индустриски отпад, поради што извештајот на Eunomia го намалила процентот на Сингапур на 34%.
Што се однесува до рециклирањето на пластика, во Европа се рециклира 30% од целата пластика, додека пак во САД се рециклира само 9% пластика. Најголемиот дел од пластичниот отпад се трупа на депониите или завршува во океаните.