Пристигнати 98 проекти апликации во рамки на јавниот повик за финансирање на истражувачки проекти од областа на природните и техничките науки во основните и средните училишта „Предизвик за млади истражувачи“ на Фондот за иновации и технолошки развој во соработка со Министерството за образование и наука.
„Предизвик за млади истражувачи“ беше отворен од 31 ноември 2017 година до 15 февруари 2018 година, со цел поттикнување на критичко и креативно размислување кај младите во нивниот развој и стимулирање на иновативни идеи и акции во процесот на образование во основните и средните училишта во Македонија.
На повикот учествуваа 64 основни и 34 средни училишта од цела Македонија. Според критериумите на повикот, а по завршената административна проверка 96 предлог проекти имаат потполни апликации. Повеќето од нив се карактеризираат со мултидисциплинарен пристап и ги опфаќаат наставните единици што учениците ги усвојуваат од сите области на природните и техничките науки.
Фазата на првостепено оценување завршува во четврток 15 март 2018г. и ќе се врши од страна на Комисија составена од:
- м-р Неда Икономова Гаврилоска, претставник на Фондот,
- Владимир Делов, претставник од Министерство за образование и наука
- доц. Д-р Живко Коколански од Факултет за електротехника и информациски науки,
- проф. Д-р Александра Бужаровска од Технолошко- металуршки факултет,
- м-р Иванка Мијиќ од Бирото за развој на образование
- Љубица Каракашева, претседател на Сојузот на здруженија на младите истражувачи на Македонија.
Предлог проектите што ќе добијат повеќе од 51 бод преминуваат во финална фаза, а учениците ќе имаат можност директно да ги презентираат предложените решенија пред комисијата на т.н. пичинг.
Вкупниот буџет за повикот изнесува 1.500.000 денари, средства на Фондот за иновации и технолошки развој, обезбедени во Буџетот на Република Македонија.