Низ децениите досега видовме безброј примери што се може да се направи доколку се искористи енергијата од Сонцето на правилен начин. Низ целиот свет истражувачи работат на решенија за замена на постојните фосилни горива, кои доминантно придонесуваат за загадувањето на нашата планета, со енергијата од Сонцето и досега има безброј успешни примери на производи. Енергијата од Сонцето тема на редовната неделна анализа на Иновативност!
Пред две години беше пуштен во употреба првиот соларен пат во светот во мало гратче во Франција. Патот има должина од еден километар и е покриен со соларни панели кои генерираат енергија додека се движат возилата по нив. Минатата година, пак, беше пуштен ист автопат во Кина за тестирање. Соларните панели се поставени под патот кој го обиколува градот Џинан на истокот на Кина, а самата површина е транспарентна за да може сончевата светлина да дојде до панелите. Панелите покриваат 5.875 квадратни метри и можат да произведат 1 милион киловат-часови годишно, што е доволно за потребите на 800 домаќинства. Електричната енергија која ќе биде произведена на овој автопат ќе биде искористена за осветлување на автопатот и патоказите, како и за камерите, осветлувањето во тунелите и куќичките за наплата на патарина.
Кога станува збор за чистата енергија малку нации се истакнуваат како Индија
Министерството за нова и обновлива енергија на Индија најави планови за изградба на најголемиот хибриден проект за соларна и енергија од ветар во светот. Проектот ќе се гради во населбата Анантапур во државата Андра Прадеш. Фармата ќе има капацитет од 160 мегават-часови од кои 120 мегават-часови ќе бидат соларна енергија, а 40 мегавати од ветрот. Светска банка инвестира 155 милиони долари во проектот. Масивниот комплекс за соларна енергија и енергија од ветар ќе зафаќа површина од околу 4 квадратни километри и ќе има батериски систем кој ќе овозможи производство на енергија без прекин без разлика какво е времето надвор.
Тим од кинески инженери креираа нов вид хибридни соларни панели кои можат да собираат енергија од дождовните капки. Оваа нова технологија работи со помош на трибоелектричниот ефект, односно одредени материјали ослободуваат електричен набој откако ќе дојдат во контакт со конкретен материјал. Трибоелектричните наногенератори го создаваат тој набој преку триење и може да се користат за собирање на статичниот електрицитет од облеката, тркалата на возилата или екраните на допир. Засега овие наногенератори успешно се користат за собирање на латентната енергија од дождовните капки, пишува Inhabitat.
Соларни панели во боја!
Уште една нова сорта соларни панели, пак, се поставуваат на покриви на стакленици за не само да се генерира чиста енергија, туку и со помош на боја која ја менува светлината да се оптимизира фотосинтезата на растенијата под нив. Нормално дека поставувањето соларни панели на стакленици не е толку паметна идеја бидејќи пaнелите ќе ги блокираат сончевите зраци да допрат до растенијата, но една спин оф компанија од Универзитетот Санта Круз разви нова технологија кој дозволува сонцето да помине низ панелите и со менување на бојата да се поттикне растот на растенијата.
Панелите Soliculture LUMO, кои се фотоволтаични системи со селектирање на различна бранова должина, во себе имаат розова боја која апсорбира дел од зелениот и синиот спектар на сончевите зраци, а дел од зелениот спектар го претвора во црвена светлина, која, пак, ја поттикнува фотосинтезата кај растенијата. Една од предностите на ваквите соларни панели е ниската цена односно 65 цент за ват, што е 40% помалку од обичните соларни панели.
Иноваторот Ричард Лант вели дека провидните соларни ќелии ќе го револуционизираат генерирањето електрична енергија. Проѕирните соларни ќелии беа претставени пред неколку години, а сега има нова анализа која дава надеж за многу попозитивна иднина на Земјата. Според неговите анализи на потенцијалот на проѕирните соларни ќелии, доколку се искористува само видливиот дел од сончевиот спектар проѕирните соларни ќелии можат да генерираат исто енергија колку соларните панели на покриви. Така ќе се зголеми енергетската ефикасност на зградите, автомобилите и мобилната електроника.
Компанијата на Илон Маск, Tesla, ќе трансформира педесет илјади домови во Јужна Австралија во џиновски батерии
Домовите наскоро ќе добијат соларни панели и батерии на Tesla како дел од планот на компанијата да се трансформираат во генератори на струја кои ќе бида вклучени во централната мрежа. Оваа последна соработка на Јужна Австралија и на компанијата Tesla има за цел да се креира еден интерконектиран енергетски систем во којшто домаќинствата ќе споделуваат енергија преку паметна електрична мрежа. Одредени домови ќе добијат бесплатни соларни панели и батерии, додека проектот ќе се финансира од продажбата на вишокот енергија од домовите, пренесува Inhabitat. Минатото лето компанијата почна турнеја во Австралија со својата соларна куќа Tesla Tiny House, која функционира целосно на соларна енергија и има за цел на луѓето да им ги предочи потенцијалите на енергијата од Сонцето.
Скандинавија фаќа чекор со „соларната треска“
Една од најнапредните скандинавски земји, Данска, гради основно училиште каде што децата сами ќе ја одгледуваат храната којашто ќе ја консумираат. Компанијата C.F. Møller ги откри плановите за училиштето New Islands Brygge School, иновативно основно училиште на површина од 9.819 квадратни метри. Новото училиште ќе има модерна фарма на покривот, каде што учениците ќе одгледуваат зеленчук во стакленици, а потоа тоа што ќе го одгледаат ќе го готват на часовите по готвење. Освен стакленици, на кровот на училиштето ќе има и соларни панели и други иновативни технологии за штедење енергија.
Освен соларни автомобили, кои за прв пат се појавија во минатиот век, железничката компанија Byron Bay Railroad Company од Холандија сега трансформираше стар воз кој веќе не се користи во првиот соларен воз во светот. Реставрираните вагони на покривите сега имаат флексибилни соларни панели и ќе патува од една до друга соларна станица. Возот троши 100% соларна енергија. Непрофитната компанија преработи и 3 километри железнички пруги и мост меѓу градот Бајрон Беј, каде што е седиштето на компанијата и ресортот Elements of Byron Bay. Соларниот воз на покривот ќе има флексибилни соларни панели со капацитет од 6,5kW и може да пренесе до 100 патници. Соларните панели произведуваат доволно енергија за батеријата од 77kWh.
Копнени соларни фарми има во многу земји во светот со различни капацитети, но последните години се повеќе се градат пловечки соларни фарми поради поголемата количина енергија која се складира. Компанијата China Three Gorges Corp. ќе гради пловечка соларна фарма во источната провинција Анхуи, која ќе биде најголемата таква во светот и ќе чини околу 150 милиони долари. China Three Gorges почна со изградбата на проектот со моќност од 150 мегават-часови и дел од фармата веќе е поврзан на електрична мрежа. Проектот е составен од панели фиксирани на пловечки површини поставени во езеро кое е создадено откако се затворил некој рудник за јаглен. Се очекува целата фарма да биде готова до мај 2018 година.
Дури и злогласниот Чернобил, место за коешто слушнале сите по катастрофалната експлозија на нуклеарен реактор во 1986 година, ќе биде претворен во соларна фарма. Компaниите Rodina Energy Group и Enerparc Ag заедно ќе работат на проект вреден 1,2 милиони долари за поставување соларни панели со моќност од 100 мегавати во близина на сега деактивираниот реактор. И двете компании ја искористуваат понудата на украинската влада за развој на окол 2.500 квадратни километри земјиште за ниска цена. Иако областа уште не е безбедна за земјоделство, идеална е за складирање обновлива енергија затоа што се уште е поврзана на градската електрична мрежа, а е изолирана.
Мексико ги надминува очекувањата на сите скептици кои веруваа дека таквите цени се невозможни во земја како Мексико со цената на соларната енергија. И покрај економските предизвици, Мексико докажува дека евтината обновлива енергија може да се произведе во кој било дел од светот и да се исполнат целите од Парискиот мировен договор, иако некои земји како САД одбиваат да учествуваат. Најниската цена за соларна енергија во Мексико ќе биде 1,77 центи за киловат-час и се очекува да се намали на 1 цент до 2019 година.
Иако популарноста на соларната енергија расте од ден во ден, сигурни ли сме дека ги знаеме сите потенцијали на енергијата од нашата најголема ѕвезда, Сонцето?