Органската храна недоволно присутна во македонските маркети

- Advertisement -

 

 И покрај тоа што во Македонија се регистрирани над 500 производители на органска храна, мала е понудата на домашни органски производи во супермаркетите.

Ова е една од заклучоците на средбата што ја одржаа Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ), Асоцијација „Зенит“ и Здружението „Медиа Плус“ во Стопанската комора на Македонија. На средбата учествуваа претставници на трговските ланци „Веро“, „Тинекс“ и „Рамстор“, како и од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Според ОПМ, трговските ланци покажуваат се поголем интерес за пласман на органски производи, пред се заради барањата на потрошувачите, особено младата популација.

„Веќе неколку години ги едуцираме потрошувачите дека органската храна е побезбедна за консумирање и нејзиното производство помалку ја загадува животната средина.“, велат од ОПМ.

- Advertisement -

На средбата беше утврдено и дека треба да се зголеми контролата на пазарот за да се гарантира дека она што се продава како органска храна ги задоволува стандардите и правилата на органско производство. Потребна е и поддршка на производителите  од страна на трговците или на државата за нивна поголема застапеност во малопродажбата преку промотивни акции и соодветно истакнување на македонскиот знак за органски производи со цел потрошувачите да го препознаат.

Во дискусијата беше детектиран и проблемот со немањето  откупни центри за органска храна, малите произведени количини, како и променливоста на изгледот и квалитетот на свежите производи и флуктуација на цените.

- Advertisement -

„Проблемите останува да се решаваат преку мерките за унапредување на органското производство. Се очекува состојбата да ја подобри и најавениот кластер за органски производи.“, истакнуваат од ОПМ.

Средбата ја поддржа проектот „Преминете на органско – потрошувачите во центарот на земјоделската политика“ со средства од ЕУ преку програмата „Одржливо земјоделство за одржлив Балкан“. Со оваа иницијатива беше изработена апликација за мобилни телефони и интерактивна мапа „Органски пат“, со план за патување за посета на центри за производство на органска храна во Македонија, продавници, ресторани и сместувачки капацитети кои имаат органски производи во својата понуда.

Сподели!
- Advertisement -