Дигитализацијата навлезе во осигурителниот пазар. Освен онлајн продажба, наскоро ќе се дигитализира и решавањето на штети!

- Advertisement -

За трендовите на осигурителниот пазар во Македонија и очекувањата за 2018 година разговараме со Климе Попоски, претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето на Република Македонија

Разговараше- Верица Јорданова

 

- Advertisement -

После одредени раздвижувања на осигурителниот пазар во 2017 година, 2018 започнува со многу нови производи и услуги од страна на осигурителните компании. Како Вие како надлежна институција ги цените актуелните трендови?

Еден од најважните настани што ја одбележаа 2017 година беше формирањето на ново друштво за осигурување. После шест години се случи формирање на нова компанија во сегментот на животно осигурување. Сега имаме вкупно пет компании за животно осигурување, а последната беше Триглав осигурување живот. Втората важна работа од минатата година е што после десет години имавме преземање на друштво за осигурување.  Друштвото Албсиг кое беше во сопственост на инвеститор од Албанија се продаде на инвеститори во Турција. Во една година добивме нов субјект и преземање што претставува раздвижување на пазарот и вовед за 2018 година. Имаме најава за можно влегување на уште едно ново друштво за осигурување на пазарот, а не е исклучено и уште едно преземање.

- Advertisement -

[quote color=”#6b6b6b”]Трендовите на пазарот доцнат и покрај констатацијата за позитивна стапка на пораст, очигледно е дека динамиката е со забавено темпо. [/quote]

Осигурувањето на живот бележеше со години наназад двоцифрени стапки на пораст, над 20%, а сега тој пораст е само 12%. Во сегментот на неживотно осигурување, вкупниот пораст изнесуваше скромни 1,57% за разлика од минатите години кога беше барем над 3 %. Причините за намалената динамика е во корелација со политичко – економскиот амбиент, силното влијание на ризици од неекономска природа, како и надолните трендови во економијата. Како и да е, ако подетално се анализира сегментот на неживотно осигурување се забележува пораст на бројот на продадените полиси што укажува дека конкуренцијата меѓу компаниите се заострува и тие ги корегираат цените надолу.

- Advertisement -

Како еден аргумент за тоа, би го споменал имотното осигурување. Имотното осигурување претставува втора најважна линија на бизнис во сегментот на неживотно осигурување кое има пазарно учество од 16%. Бележиме пад од 7,65% на бруто полисираната премија, но и пораст на бројот на склучени договори за 11,3%.

Во сегментот автоодговорност  имаме пораст од 5,47%. Овој пораст е резултат или на зголемениот број на регистрирани возила, а втора причина е зајакнатата дисциплина во купување полиси односно намален број на неосигурани возила поради високите казни. Она што исто така е многу важно се и супервизорските мерки кои Агенцијата ги испорача кон друштвата за осигурување и кон Националното биро за осигурување во чиј состав се наоѓа централна база на сите возила кои купуваат осигурување. Одредени аномалии утврдивме во тој централен систем во делот на бонус-малус системот според кој секој совесен возач, доколку не предизвикува сообраќајки секоја година може да има 5% бонус, односно да плаќа 5% помала премија од претходната година и при тоа, тоа скалило може да оди до максимум 50% бонус. Аномалиите овде ги воочивме во однос на товарните и такси возилата и откако ги увидовме и испорачавме мерки, се промени пресметката на цената.

Она што исто така треба да се потенцира како значаен момент, се однесува на имотното осигурување во сегментот на земјоделското осигурување и осигурување од катастрофални ризици за домовите. До 2015 година, во овие три вида на продукти, имавме добар напредок посебно во земјоделското осигурување имајќи ја предвид политиката на субвенционирање на премиите од 60%. Ова претставуваше добар импулс за земјоделците да купуваат полиси за земјоделско осигурување. Преку директни средби со земјоделците им укажуваме кои се предностите од осигурителните полиси. Но она што се случи со големите штети од временските неприлики од 2015 и 2016 година и ставот на владите директно да ги обештети земјоделците од буџетските средства, влијаеше дестимулативно на земјоделците да купуваат полиси за земјоделско осигурување бидејќи знаат дека владите излегуваат во пресрет.

Од друга страна и осигурителните компании ги заострија условите при преземање на ризик, имаше одредени корекции на цените нагоре, што беа дополнителни фактори за падот на бројот на склучени договори со 44% што е сериозен пад. Исто таков пад имаме и кај осигурување од катастрофални ризици на домови. Повторно тоа е заради одлуките на ниво на општина или влада да се обештетат домовите кои имале штети од поплави и земјотреси.

2017 година, година на нови продукти!

Во 2017 година осигирителните компании воведуваат и нови продукти како продажбата на доброволно здравствено осигурување и има солидни бројки на пораст. Ако во 2016 година биле склучени само 1.200 договори, веќе во 2017 година имаше 1.752 полиси за здравствено осигурување. Мала е бројката но овие полиси веќе генерираат премија од скоро 45 милиони денари. Во овој сегмент има голем потенцијал во иднина имајќи предвид дека граѓаните се’ повеќе користат услуги од приватни здравствени установи. Во почетокот на 2018 година, компаниите кои беа присутни во сегментот на здравственото осигурување, го зголемија опфатот на ризици, понудија поприфатливи цени и склучија договори со скоро сите значајни приватни здравствени институции во Македонија. Мислиме дека овој сегмент ќе биде значаен двигател на развојот на осигурителниот сектор. Скоро сите друштва на осигурување ќе навлезат во овој сегмент бидејќи до 2017 година не биле сите активни, но во тековната година сите компании за неживотно осигурување очекуваме да добија лиценца во овој сегмент.

Како новина се јавува и осигурувањето со асистенции, односно домашна асистенција и патничка асистенцијата. Тоа значи дека можете да купите полиса со која ќе имате 24 часовно покритие доколку во вашиот дом се случи некоја незгода. Во делот на патничка асистенција, доколку сте на пат со вашето возило и се случи дефект, компанијата има отворен телефон и ќе ви овозможи дислоцирање на возилото, носење на сервис, помош на лице место со механичар, згрижување на патниците итн. Овие видови на асистенции се повеќе ќе добиваат на значење и на задоволство на осигурениците се со минимална доплата доколку веќе имате осигурување на имот или на возило.

Она што е исто многу значајно во делот на каналите на продажба што во 2017 година за првпат се промовираше онлајн продажба на полиси, а некои компании кои лансираа и апликации за мобилни телефони како канал за продажба.

[quote color=”#6b6b6b”]Дигитализацијата претставува значен фактор во осигурителниот сектор кој ќе го детерминира правецот на идниот развој на осигурителната индустрија[/quote]

Во развиените земји веќе се појавуваат и дигитални осигурителни компании кои имаат не повеќе од 5-6 вработени и немаат физички простор. Очекуваме овие процеси што поскоро да дојдат и во Македонија. Овде прво се започна со онлајн продажба на патничко осигурување. Она што беше значајно минатата година за сите компании во сегментот на неживотно осигурување коишто нудат автоодговорност, сите извршија припрема за лансирање на апликација за онлајн купување на полиси за автоодговорност. Ова е еден голем зафат во осигурителната индустрија и во иднина ќе претставува многу поволен и позитивен развој во интерес на осигурениците. Исто така онлајн може да се купи до одредени лимити и имотно, каско и здравствено осигурување.

Имајќи ја предвид специфичноста на осигурителниот бизнис во сегментот на преземање ризици, не може секое осигурување да се направи онлајн без компаниите физички да извршат испекција на она што се осигурува. Она што исто така го очекуваме наредно е и дигитализација на услугите за сервисирање на штети со цел поефикасно и побрзо исплаќање на штетите.

Какво се состојбите кај животно осигурување, сегмент кој со години назад има највисоки стапки на раст?

Иако уште имаме двоцифрени стапки на раст, намалена е динамиката со тоа што во 2017 година е остварен пораст од безмалку 12%. До пред 3-4 години над 95% од продажбата беше традиционално осигурување на живот коешто е комбинација на осигурување на живот со штедна компонента, односно кога ќе се склучи договор за 15 или 20 години, доколку не се случи ризичен настан, смрт, после завршување на договорот парите што сте ги уплатиле може да се вратат како заштеда. Но, во светот во тренд е т.н. unit link животно осигурување, што е комбинација од инвестиција и осигурување на вашиот живот. Тоа значи дека премијата што ја уплаќате оди во рацете на професионален инвестициски фонд кој ги инвестира вашите пари. Притоа ризикот е поголем затоа што инвестицискиот фонд може да ви овозможи да заработите но и да изгубите.

Важно за осигуреникот е дека ризикот при инвестирање на парите од осигурителниот фонд е на негов трошок, односно не постои гарантна шема која ќе му овозможи гаранција доколку инвестицискиот фонд не ги оствари посакуваните резултати. Врз база на нашата пропишана регулатива, компаниите кои нудат ваков продукт мораат да му укажат на осигуреникот за ваквиот степен на ризик. Исто така компаниите треба да му обелоденат каде инвестицискиот фонд ги инвестира неговите премии. Имајќи предвид дека живееме во опкружување со ниски каматни стапки за штедењето во банките, директна последица е појавување на ваков продукт со поризична компонента. Во Македонија имаме неколку компании кои работат во овој сегмент, тие целосно ги инвестираат парите во дозволени инструменти надвор од Македонија. Очекувам дека ова осигурување ќе биде се’ поприсутно.

Вториот вид на осигурување на живот кој добива на значење е кредитно животно осигурување каде што банките на некој начин ги врзуваат станбените кредити со задолжителна полиса за осигурување од животен ризик или смрт. Со цел да има подобра заштита и за фамилијата и за банката, товарот за подмирување на станбениот кредит наместо да падне на грб на фамилијата, ќе биде оставено на компанијата за осигурување. Банките се’ повеќе ги препознаваат предностите на овој продукт и овој сегмент расте. До овој момент имаме четири банки кои имаат добиено лиценца од Народна банка и од нас да бидат официјален канал за продажба на вакви полиси, познат како банка осигурување.

Овој вид на животно осигурување очекуваме да расте се’ повеќе во иднина. Досега прикажаните трендови очекуваме да продолжат да растат и во 2018 година.

Компаниите за осигурување почнаа да нудат и понуди за осигурување на корпоративните клиенти како осигурување од финансиски загуби и осигурување на побарување. Во овој момент постојат две друштва за осигурување кој го нудат овој продукт но уште со многу конзервативен пристап, но постои интерес да се раздвижи овој сегмент.

Имаме иницијатива кои одат во прилог на измените во Законот за јавни набавки, да не се земаат предвид само банкарски гаранции при квалитетно извршување на јавната набавка, туку и осигурување од гаранција.


 Може да се заклучи дека има раздвижување на пазарот во однос на квалитетот и иновативноста на продуктите кои се нудат, но останува да се сработи делот за поголемо ниво на информираност на потенцијалните корисници?

Еден од клучните фактори за подолгорочен раст на пазарот на осигурување е осигурителната култура односно нивото на финансиска едукација. Заедно со Народна банка и Комисијата за хартии од вредност реализиравме заедничко истражување за нивото на финансиска едукација чии резултати ќе бидат наскоро објавени. Нашиот впечаток е дека е на релативно ниско ниво што значи дека граѓаните прво не се доволно запознаени со предностите кои ги нудат финансиските продукти вклучувајќи го и осигурувањето, имаат погрешна перцепција дека тоа чини многу, не се свесни за бенефитите кои можат да ги добијат.

Потребно е повисоко ниво на едуцираност дека осигурувањето сепак е добра инвестиција бидејќи не знаеме каква незгода може да се случи во животот. Добро би било дел од наставната програма во средните училишта да се учи за пари, камата, инфлација, осигурување, пензија итн. Сите овие финансиски продукти се многу важни и корисни за општеството и економскиот просперитет на една држава, и добро е младите во рана возраст да бидат и финансиски едуцирани. Докажано е дека постои висок степен на корелација на финансиската писменост со процесот на носење одлуки за консумирање на финансиски продукти.

Споменав дека за осигурувањето е важна довербата. Не често осигурениците се задоволни од услугата која ја добиваат од осигурителните компании во процесот на сервисирањето на штетите. Една од задачите на Агенцијата за супервизија за осигурувањето е да работи во функција на заштита на интересита на клиентите. Имаме воспоставено механизам преку кој незадоволниот осигуреник може да се обрати до нас со поднесување на претставка, дури и онлајн, според која постапуваме и испитуваме дали друштвото за осигурување постапило според законските услови и согласно посебните и општите услови за осигурениот продукт. Оваа политика на претставки е доста позитивна и годишно добиваме преку стотина од кои повеќето се решени во корист на осигурениците по нашата интевернција.

Исто така, реализираме и медијација, посредување меѓу осигуреникот и друштвото за осигурување за да се види кој е во право. На тој начин овозможуваме да се избегнат судски постапки кои можат да наметнат високи трошоци за осигуреникот и долготраен судски процес. Оваа медијација исто така е добра пракса која е на задоволство на осигурениците.

Сподели!
- Advertisement -