Тевдовски: Во Законот за јавни набавки ги вградивме барањата на бизнис заедницата

- Advertisement -

Новиот Закон за јавни набавки ќе започне да се применува од 1 април годинава, со што ќе се види дали барањата на бизнис секторот за промена на начинот на кој се водеа тендерите ќе се реализира. Исто така и експертите и набљудувачите на трошењето на државни пари ќе имаат увид дали забелешките за недостатоци и сомнежи за корупција, нетранспарентност и овозможување на нелојална конкуренција. За главните промени во новиот Закон за јавните набавки, прифатените предлози и вклученоста на приватниот сектор во јавно-приватниот дијалог министерот за финансии Драган Тевдовски зборува во интервју за Бизнис Регулатива

БизнисРегулатива: Mоже ли подетално и таксативно да наведете кои се клучните новини/измени кои ги предвидува новиот Закон и кои ќе имаат најголемо влијание во надминување на утврдените слабостите од претходното законско решение во делот на спречување на корупција, зголемување на контролната функција и намалување на високиот степен на поништени тендери?

Тевдовски: Новиот закон за јавни набавки e европски закон, кој има три клучни цели: прво, да обезбеди рационално трошење на државните пари; второ, слободна и фер конкуренција и трето, транспарентност во јавните набавки.

- Advertisement -

Во однос на рационалноста на трошењето на државните пари, преку воведувањето на економски најповолната понуда ќе се подобри квалитетот на она што се набавува. Задолжителното објавување на Годишните планови на јавни набавки на електронскиот систем за јавни набавки, ќе придонесе за подобро планирање на истите од страна на договорните органи. Истовремено, економските оператори ќе имаат навремена информација за потребите од стоки и услуги, со што договорните органи ќе добиваат поквалитетни понуди. Со новиот закон се поедноставуваат и постапките за набавки со пониска вредност, преку воведување на постапка за набавка од мала вредност, електронски пазар за мали јавни набавки и поедноставена отворена постапка.

Во поглед на фер конкуренцијата, се намалува административното оптоварување на понудувачите во делот на задолжителна документација. Се поедноставуваат постапките. Се воведуваат низа мерки кои ги подобруваат условите за вклученост на малите и средни претпријатија во јавните набавки. Се крати и периодот на забрана за учество во постапките по издадена негативна референца, од една година на шест месеци.

- Advertisement -

Низа одредби, кои и претходно беа наброени, се однесуваат на подобрување на транспарентноста. Тука е задолжителното објавување на годишните планови на електронскиот систем. Исто така, во насока на транспарентност на постапката – во периодот од донесување на одлуката за избор на најповолна понуда до рокот за жалба, сите понудувачи ќе имаат увид во целата документација и понудите на другите понудувачи.

Се воведуваат низа антикорупциски правила и правила со кои ќе се спречи судирот на интереси при вршење на јавните набавки и ќе се обезбеди интегритетот на целиот процес на доделување на договори. Се воведува и нова форма на управна контрола која ќе ја спроведува Бирото за јавни набавки според искуствата во одредени европски земји. Доколку Бирото утврди неправилности согласно овој закон, може да поднесе прекршочна пријава до надлежниот суд или да го извести јавното обвинителство.

- Advertisement -

 

БизнисРегулатива: Голема вклученост во процесот на носење на новиот Закон имаше Проектот на УСАИД „Партнерство за подобра бизнис регулатива“ со одржани три инфо-сесии, на кои присуствувавте и вие (министерот за финансии Драган Тевдовски), како и претставници на Бирото за јавни набавки. Кои беа конкретните придобивки од овие јавни расправи?

Тевдовски: Од исклучителна важност за нас беше да го слушнеме мислењето на сите засегнати страни при носењето на новиот Закон за јавни набавки. Од таa причина пред да го доставиме предлог-законот до Владата, со помош на УСАИД преку проектот „Партнерство за подобра бизнис регулатива“ и „ЕПИ центар“ како главен имплементатор на проектот, направивме три јавни дебати. Дебатите беа организирани и во соработка со стопанските комори.

За нас овие јавни дискусии беа од голема помош. Ќе истакнам дека во финалниот закон се вградени најголем дел од забелешките на бизнис-заедницата.

Бизнис секторот го поздрави ваквото носење на законски решенија, каде тие на кои се однесува законот активно партиципираат и ги внесуваат своите искуства од пракса.

БизнисРегулатива: Mоже ли поконкретно да ни објасните што ќе значи воведувањето на економски најповолната понуда како критериум за доделување на договорите во однос на досегашниот критериум за најниска цена и дали Бирото за јавни набавки има капацитет и интегритет да направи најдобра проценка?

Тевдовски: Во согласност со европските правила и пракса, новиот Закон дава можност покрај цената да се вреднува и квалитетот. При тоа договорниот орган во зависност од предметот на набавка самиот ќе може да утврди дали како критериум ќе ја користи најниската цена, исплатливоста врз основа на животниот век на производот или најдобриот однос помеѓу цената и квалитетот. На пример, кога набавувате хартија како критериум може да ја користите најниската цена, но во здравството, при набавка на опрема, лекови, секако дека важен е квалитетот.

Што се однесува до критериумите за избор на најповолна понуда, тие мора да бидат недискриминаторски, пропорционални и директно да се поврзани со предметот на набавка. Во однос на Вашето прашање дали има Бирото капацитет да ги утврди критериумите за сите набавки, ќе напоменам дека не Бирото, туку договорниот орган ги утврдува критериумите.

БизнисРегулатива: Претходно имаше критики дека во јавните набавки се фаворизираат големите компании, и дека се врши фаворизирање на одредени субјекти. Дали новото законско решение ќе овозможи поголемо вклучување на малите и средни претпријатија во процесот на јавни набавки и како ќе се постигне начелото на еднаквост?

Тевдовски: Со новиот закон се воведуваат низа мерки кои ги подобруваат условите за вклученост на малите и средни претпријатија во јавните набавки, бидејќи тие се ’рбетот на економијата.

Од една страна, вклученоста на малите и средни претпријатија во јавните набавки, им овозможува на договорните органи да ја прошират базата на потенцијални понудувачи и да ги почуствуваат позитивните ефекти од поголемата конкуренција. Од друга страна, се создава противтежа на доминантните играчи на пазарот.

Со законот се намалуваат административните трошоци за учество, што е од особено значење за малите и средни претпријатија. Договорниот орган не бара гаранција на понудата во вид на банкарска гаранција кај набавка од мала вредност и кај поедноставена отворена постапка. Ова отвора можност за повеќе мали и средни претпријатија да дадат понуди во овие набавки.

Со законот се воведува и можност за директното плаќање на подизведувачите, кои најчесто се мали и средни претпријатија. Доколку пак, не е предвидено директно плаќање, договорниот орган бара од носителот на набавката да му достави доказ, дека го исплатил подизведувачот во рок од 60 дена од денот на исплаќање на фактурата од договорниот орган.

Тука би сакал да истакнам и дека новиот Закон за јавни набавки ги штити и правата на работниците. Имено, се воведуваат одредби кои се однесуваат на вклучување на социјални аспекти во постапките за јавни набавки, односно резервирани договори со цел поттикнување на инклузивен раст и вработување социјално загрозени групи.

 

Автор: Христијан Станоевиќ

Сподели!
- Advertisement -