0.4 C
Skopje
недела, јануари 19, 2020

МамаОргана, компанија која прави органско ѓубриво, не креира отпад и вработува самохрани родители

Kabtel desktop

Наталија Бургиева, основачот на социјалното претпријатие МамаОргана, има 36 години, по професија е економист, а решила да влезе во агрономијата и производство на органско ѓубриво. Зошто? За да произведува органски производ кој нема да ја загадува околината и при тоа да им понуди шанса за вработување на самохрани родители. Приказната за МамаОргана ја раскажа за Иновативност.

„Јас сум самохрана мајка, имам две деца и боледував од тешка болест која можеше да има фатални последици. Искусив колку е тешко да се биде и болен и самохран родител истовремено во Македонија. Решив целосно да го променам својот животен стил почнувајќи со здравата, органска исхрана. Како невработена личност, ми беше многу тешко да обезбедам храна за семејството, а уште помалку органска храна поради цената. Почнав да експериментирам и да барам начини како тоа полесно да го направам дома бидејќи живееме во град. Сфатив дека за да биде здрав плодот, мора да биде здрава почвата во која ќе расте. Под здрава почва се подразбира медиум во кој има доволно витамини и минерали што му се потребни на растението од почеток до крај. Почнав да истражувам за урбано градинарство по холандски принципи и видов дека постои начин како почвата да се збогати со минерали, а при тоа да се одгледува органско овошје и зеленчук дома.“, раскажува Наталија за зачетокот на МамаОргана.

При нејзините истражувања, дошла до заклучок дека најдоброто органско ѓубриво кое е хранливо за растенијата е она направено од остатоци од храна и измет од животни кои се хранети без пестициди. Решила да стапи во контакт со фарма којашто има коњи од каде се согласиле да дадат измет за да се направи ѓубривото, а собрале органски отпад односно остатоци од храна која не е варена и пржена. Резултатот бил производ, односно ѓубриво со врвен квалитет и со анализата на истото се утврдило дека е значително побогато отколку најбогатите ѓубрива што се продаваат на пазарот. Производот моментално е во процес на регистрација по што ќе добие сертификат за органски производ.

Што претставува органското ѓубриво?

Изработено е од органски остатоци кои се компостирани односно претворени во ѓубриво. Компостирањето може да се одвива на два начина: првиот е природна ферментација која гарантира органски резултат, а вториот е компостирање со калифорниски црви. Иако и двата начина се органски, Наталија раскажува дека тие најчесто го практикуваат првиот начин бидејќи е значително поздрав.

„Ние сѐ изработуваме сами. Практикуваме пермакултура и нула отпад. Целиме кон зачувување на планетата Земја бидејќи таа е една и веќе не можеме да ја експлоатираме. Единствено ни останува на иновативен начин да пронаоѓаме решенија за нејзина заштита.“

Како што споменавме, МамаОргана функционира како социјално претпријатие кое вработува исклучиво самохрани родители. Идејата е компанијата да им даде шанса на припадниците на оваа социјална категорија во моменти кога немаат други шанси.

„Ние не сме друштво за хуманитарна помош, меѓутоа не сме ни компанија посветена само на профит. Целиот профит го вложуваме во едукација на нашите вработени кои се самохрани родители. Нашите вработени задолжително посетуваат курсеви без разлика дали се работи за јазици, компјутери, за личен развој и слично, бидејќи никој не се грижи за оваа група на луѓе и за нивната психолошка состојба. Примарната цел ни е менталното здравје на нашите вработени бидејќи од лично искуство знам како е кога работодавачот не се грижи за овој многу важен дел од здравјето на вработените.

До сега имаме вработено две самохрани мајки од кои на едната ова ѝ е дополнителен ангажман. Нудиме можност за флексибилно работно време на самохраните родители. Им стоиме на распоагање на нашите вработени за превоз кога им е потребен и за итни ситуации, а имаме и дневен центар каде можат да им престојуваат децата додека тие работат. Дневниот центар воедно го користат и моите деца. Оние вработени кои не можат да го минуваат работното време овде, им даваме можност да работат на терен како комерцијалисти. Работниот ангажман во МамаОргана се дефинира според потребите на вработениот.“, додава Наталија за социјалниот елемент на МамаОргана.

        

Идејата за МамаОргана било единственото нешто од процесот на создавање на бизнис кое Наталија го имала и решила да се обиде преку некоја програма да ѝ даде валоризација на истата. Се пријавила на натпреварот во организација на АРНО, Филантропија на зелени идеи, на кој победила и продолжила да ја претставува идејата и на регионален натпревар во Црна Гора.

„Влеговме и во акцелераторската програма на CEED Hub Скопје кога уште не бевме регистрирани како бизнис, а тоа го направивме додека уште траеше програмата. Довивме поддршка и од Innovation Hub, а планираме да учествуваме и на Social Impact Awards. Во Innovation Hub сме вклучени во Invest and Ready програмата и подготвуваме pitch презентација за да добиеме инвестиција која ни е потребна за набавка на машина за производство на органско ѓубриво. Презентацијата ќе ја одржиме на настан пред инвеститори во Австрија. Дополнително, како победници во agritech категоријата на натпреварот Get in the Ring во Скопје, ќе се натпреваруваме на финалниот натпревар во Лисабон во мај, додека пак во април ќе учествуваме и во Брисел на Eurovision for Startups.“, вели Наталија.

Што друго нуди МамаОргана?

МамаОргана за сега не се фокусира на големо производство, а освен што можете да си набавите органско ѓубриво, во нивниот асортиман ќе најдете и готови производи кои го вклучуваат ѓубривото. Еден од овие производи е урбана органска градина за во домот која можат да ви ја изработат по мерка. Тимот на МамаОргана ви го посетува домот бесплатно, зема мерки и според условите во домот ви изготвува понуда за типот на органски растенија кои најмногу одговараат. Откако ќе ви ја изработат урбаната градина, ќе ви ја достават и монтираат, а можат да ви понудат и можност за систем капка по капка што значи дека не мора ни да ја полевате.

Изработуваат и декоративни ѕидни градини кои се доста популарни како решение за во канцеларија. Како нов производ е Fresh Air on a Plate и е наменет за во дом, за канцеларија или за во секоја просторија каде сакате да ви се освежи и прочисти воздухот. Ова е декоративен сад со билки кои според истражувања на НАСА го прочистуваат воздухот во затворени простории од формалдехид, амонијак и бои, хемиски супстанци кои сите ги имаме во домот.

Инаку, МамаОргана покрај органското производство, работи и според филозофија за нула отпад.

„Не користиме пластика, па дури и амбалажата за нашите супстрати е биоразградлива и без етикети бидејќи не можевме да најдеме печатница која употребува бои кои не содржат олово за печатење на етикетите. Решението го најдовме во печатење со водени, бои што доаѓа со ризикот дека етикетата ќе се излее доколку дојде во допир со вода. Тој ризик го преземаме со цел да не поттикнуваме користење на бои со олово. Откако растението ќе достигне големина која налага да се пресади во поголем сад, слободно може да се пресади заедно со амбалажата која ќе се разгради во почвата. Гледаме сѐ да биде циркуларно, да нема отпад, да нема загуби. Сѐ што правиме е ,,cash from trash“, вели таа.

Кои се предизвиците со кои се соочуваат компаниите, а посебно малите претпријатија кога станува збор за органското производство?

„Сакавме да склучиме договор со општина Аеродром, односно со куќните совети на зградите за собирањето на органскиот отпад од домаќинствата, меѓутоа не успеавме во тоа бидејќи уште го немаме добиено сертификатот за органско производство. Ова е голем предизвик во Македонија бидејќи Законот за органски ѓубрива е многу ригорозен, но според мене во погрешна насока. Ние како производители на органско ѓубриво мора да имаме одредени лиценци и тие се истите кои им се потребни и на оние кои произведуваат конвенционално ѓубриво. Разликата е во тоа што при конвенционалното производство на ѓубриво се загадува околината, додека ние сме еколошки оправдани. Ова според нас е нелогично и треба да се промени бидејќи треба да се стремиме кон што повеќе органско производство, а овие правни рамки создаваат пречки во тој правец. Потребна е современа регулатива која ќе го одвојува органското од конценционалното производство.“

За крај, ја прашавме Наталија какви се плановите за иднината на МамаОргана и кои се приоритетите на коишто се посветени како социјално претпријатие?

„Бидејќи фунционираме во сектор кој е покриен и од ИПАРД програмата на Европската унија, во иднина сакаме да аплицираме и за таков тип на грант со цел да купиме простор во рурално подрачје во општина Аеродром. Во детскиот центар  сакам да ангажираме педагог кој ќе работи со децата на вработените. Но ова се плановите за во иднина. Моментално, најголем приоритет ни е обезбедување на инвестиција преку програмата Invest and Ready за набавка на машина за производство на ѓубривото. Станува збор за навистина иновативен производ кој е направен во САД и овозможува разложување на отпадот на микро ниво, при тоа отстранувајќи ги сите материи кои не се органски. Периодот којшто е потребен за да се обработат остатоците од храна и да се направи органското ѓубриво е 3 месеци, додека пак оваа машина го крати процесот на 24 часа.“, додава Наталија.

Ако сте поддржувач на органски производи и зачувување на околината или пак сакате да набавите некои од органските производи на МамаОргана, можете да ја посетите нивната Facebook страница на следниов линк.

(Пишува – Бисера Срцева)

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •