Видео играта на Миле Граматиков Battle For Giostone на играчите им дава можност да заработaт 20.000 евра!

- Advertisement -

Македонија изобилува со талентирани играчи на видеоигри кои високо котираат на меѓународните натпревари во е-спортови, вели Миле Граматиков, творецот на играта Battle For Giostone. Тој, и самиот пасиониран играч на видеоигри, заедно со неговиот тим прават револуционерна новина на нашиот пазар, со поврзување на видео игрите и криптовалутите и можноста секој добар играч и да заработува. Неодамна тие добија и инвестиција од 1,5 милиони евра, која ќе се искористи за развој на играта до светско ниво за да може да конкурира на останатите MOBA игри.

Во интервју за Иновативност, Граматиков открива дека за играчите ќе биде организирана и лига во Battle For Giostone, а наградата ќе биде 20.000 евра.

- Advertisement -

Новирар – Сања Наумовска

Миле, кажете ни нешто за вашата игра Battle For Giostone и нејзиниот развој?

- Advertisement -

Battle For Giostone е првата Web3 MOBA игра во светот, налик на Dota 2 и League of Legends. Играта се игра со 10 играчи, по пет на секоја страна од мапата. Целта на еден меч е да се сруши противничката кула во рок од 25 минути. Доколку тоа не се оствари, змејот Gio, ќе ги телепортира сите играчи во помала мапа или локација, и територијата ќе се смалува се додека не остане само еден победнички тим. Ова е само една од работите што ја прават Battle For Giostone поразлична од останатите MOBA игри на пазарот.

Уште една важна работа е тоа што во нашата игра секој гејмер ќе може да создаде уникатен херој, наместо тоа да го правиме ние. Игрите како Dota2 и League of Legends имаат предефинирана селекција од околу 130 херои кои не можат да се сменат. Кај нас, има шест класи на Херои и 72 магии. Секој играч може да избере класа со 4 магии и да влезе во борба. Има преку 3.5 милиони уникатни комбинации и секоја ќе изгледа различно. Кога некој бира магија, таа функционира како опрема која може да биде на главата, градите, рацете, или нозете. Со менување на една магија, се менува и изгледот на вашиот херој.

- Advertisement -

Додавајќи на сето ова, во текот на играта змејот Gio ќе се појави три пати. Доколку некој тим го победи, змејот ќе остави камен – Giostone кој може да го направи вашиот херој посилен. Ако некој ве порази кога го имате каменот, може да го земе. Тимот што ќе ги собере трите камења ќе добие посилни крипци (чудовишта кои се борат од нивната страна) и уште посилни херои.

Уште една специфика во вашата работа е поврзувањето на играњето видеоигри и криптовалутите. Од каде дојде таква идеја?

За многу млади луѓе од Македонија, играњето на игри е и начин на заработка. Пред неколку години, многумина од нашите врсници качуваа левели на акаунти и ги продаваа на странци кои не сакаа да трошат време на појачување на нивните карактери. Уште тогаш имаше голем пазар за игрите како World of Warcraft, Metin2, SAMP и слично. Според мене, гејмерите треба да бидат наградени за нивното време, труд, и вештини. Секако, тука се и е-спортовите каде се наградуваат најдобрите.

Блокчејн технологијата (позадината на криптовалутите) е најдобриот изум на 21 век. Таа овозможува да секоја компонента на интернетот стане токенизирана и да може да се тргува на слободниот пазар. Секако, тоа е опционално. Но, во светот на игрите, ова е револуционерно. Во нашата игра, секој херој кој ќе се создаде ќе стане дигитално средство кое ќе може да се тргува. Тоа е исто и за скиновите, како и за неколку додатни работи кои ќе ги најавиме во иднината.

Пред да дојде идејата за Battle For Giostone, работевме со Sky Mavis, кои ја имаат направено играта Axie Infinity, и од таму дојде идејата да направиме нешто свое.

Објаснете ве молам за нашите читатели како ќе функционира наградувањето на потенцијалните играчи?

Играта ќе биде бесплатна. Тоа значи дека секој кој сака да ја игра ќе може тоа да го направи и доколку е еден од најдобрите, може да добие награда од фондот кој го имаме определено за таа цел. Но, како бонус, оние играчи кои ќе создадат барем еден свој херој, ќе може да заработуваат токени од победите во играта. Со тие токени, тие ќе можат да прават нови херои, или пак да ги продаваат за пари. За оние најдобрите, ќе правиме турнири и лиги каде што ќе можат да се докажат пред светот и да добијат парични награди, како и средства во играта.

Каков пазар е Македонија за видеоигри, има ли играчка култура и интерес? Има ли потенцијал кај нашите играчи да станат некои од најдобрите во Battle For Giostone?

Македонија е место каде се кријат премногу гејминг таленти. Играчката култура е на високо ниво и се повеќе почнуваат да се шират е-спортовите. Многумина млади почнуваат да освојуваат е-спорт турнири по светот, а ние сакаме да помогнеме во развитокот на оваа култура.

Во наредниот месец ќе објавиме информации за нашата лига во Battle For Giostone. Иако играта не е комплетирана, ние сакаме да ги негуваме е-спортовите и наградата ќе биде 20.000 евра. Половина од наградниот фонд ќе е за Европа, а половина ќе е за Азија. Сите заинтересирани кои сакаат да ја играат Battle For Giostone може да ни пишат на социјалните мрежи или на Discord, а за брзо време ќе може да очекуваат и официјален линк на страната за да може да ја симнат.

Победниците ќе имаат скин во нашата игра како и место во нашата хала каде што ќе бидат запаметени засекогаш. Исто така, за брзо време во Скопје ќе бидеме спонзори на настан во Dota 2, каде што фондот за награди ќе биде 4.500 евра. За овој настан ќе дадеме повеќе информации за брзо време.

За Battle For Giostone веќе имате обезбедено инвестиција од 1.5 милиони долари, кои се вашите приоритети за развој?

Играта е се уште во Pre-Alpha стадиум на развој. Инвестицијата главно ќе се искористи за развој на играта до ниво кое ќе биде светско и ќе може да конкурира на останатите MOBA игри кои не се на блокчејнот. Бидејќи технологијата е премногу нова, програмирањето е доста скапо, и комбинирањето на механиките е доста сложен процес. Ние мора да се осигураме дека гејмплејот нема да има грешки и дека иискуството на играчите ќе биде оптимизирано. Тука станува збор за оптимизација за различни оперативни системи, и мобилни телефони.

Кој е тимот што стои зад Battle For Giostone?

Тимот на Battle For Giostone е главно од Македонија, но имаме помош и од странство (Америка, Украина, Канада). Еден од ко-основачите на играта е Тебан Сива, кој има достигнато ниво да биде на 8 меѓународни турнири. Интересна информација е дека во 2021, наградниот фонд на овој турнир беше 40 милиони долари. Тебан исто така работи како главниот балансер на играта и има победено четири пати во играта Axie Infinity и тоа во три сезони и во најголемиот турнир во Барселона – Axie Con.

Нашиот тим има неколку години искуство со работа во програмирање и маркетинг, како и работа со странски клиенти. Battle For Giostone е најголемиот проект кој го имаме започнато, и сега за сега, се оди по планот. Целите за наредната година се да можеме да ја лансираме официјалната верзија, да направиме масовни турнири и да ја истуркаме играта на едно досега невидено ниво.

Сподели!
- Advertisement -