Американскиот синџир супермаркети Walmart сака да патентира технологија за дронови пчели кои ќе ги оплодуваат посевите како што го прават тоа пчелите. Патентот беше поднесен во САД овој месец и открива дека компанијата сака да го револуционизира земјоделството со употреба на роботски алтернативи за пчелите, пишува Dezeen.
Во документот се изнесуваат планови за систем од еднo или повеќе беспилотни воздушни возила, кои ќе користат камери и сензори за да ги најдат локациите на посевите, а потоа ќе користат алатка апликатор за да го пренесуваат поленот од едно на друго место.
Според поднесениот патент, пчелите дронови ќе имаат форма на мултикоптер, односно ќе има две или повеќе ротирачки сечила. Според Walmart, пчелите дронови ќе имаат дури 8 сечила. Пчелите ќе се контролираат со централизиран компјутерски систем со повеќе опции за програми во зависност од типот на посевот. Исто така, ќе можат да работат и дење и ноќе.
Други потенцијални опции кај пчелите се радари за детектирање пречки, сензори за мерење брзина и насока, тркала за да можат да се движат по земја и едра за да можат да пловат по вода или да се движат по водени површини.
Патентот за пчелите е само еден од вкупно 6 кои ги поднесе Walmart и сите се фокусираат на автоматизација на земјоделските процеси. Синџирот супермаркети, исто така, планира да користи дронови за прскање пестициди и следење на состојбата со посевите. Сепак, вешталото оплодување на растенијата има најголем потенцијал да го зајакне бизнисот на компанијата.
Според истражување на Greenpeace, поленизацијата на пчелите придонесува со 265 милијарди долари во глобалната економија. Токму затоа, со оглед на намалувањето на популацијата од пчели на Земјата, роботските алтернативи ќе бидат неопходни за задоволување на глобалната побарувачка за храна.