Овој викенд ќе го искористиме за да ви предложиме книга која обработува тематика која за многу бргу време стекна популарност, не само во ИТ круговите, туку и во пошироката јавност. Се работи за Ерата на криптовалутите – како биткоин и дигиталните пари го менуваат глобалниот економски ред од авторите Пол Виња и Мајкл Кејси. #ИновативностЧита – во тек со глобалните технолошки трендови!
Блокчеин технологијата е само еден сегмент од новата технолошка револуција која навлегува во сите сегменти на бизнисот, а посебно во финансиските системи. Оваа технологија е во основата на уште еден многу популарен концепт – биткоинот и дигиталните валути.
Со биткоинот како концепт кој како да стана популарен „преку ноќ“, јавноста многу бргу стана опседната и со нетрпение го очекува секој нов наслов во медиумите во кој ќе стои зборот биткоин. Но и покрај оваа популарност и револуцијата која ја покренаа, биткоинот, останатите криптовалути, па дури и блокчеин технологијата, уште остануваат енигма за многу луѓе.
Доколку и вие сте во оваа група, односно свесни сте дека блокчеин и криптовалутите навистина предизвикуваат големи промени, а сепак не знаете како точно функционираат, оваа книга е вистинската за вас.
Авторите на книгата Виња и Кејси се новинари кои работат за престижниот The Wall Street Journal, а ја напишале книгава за да понудат одговори на оние за кои овој технолошки новитет е мистерија.
Во книгата ќе прочитате како криптовалутите имаат потенцијал да го редефинираат традиционалниот финансиски систем со тоа што им овозможуваат за првпат билет за влез во глобалната економија на индивидуалци. Она што криптовалутите ги направи посебно популарни кај луѓето е тоа што многу од нив се чувствуваа изневерено од банките особено после економската криза во 2008 година. Од друга страна пак, криптовалутите им го овозможуваат токму тоа на луѓето – брз трансфер на пари без големи провизии и без трансакции кои мораат да бидат според условите на банките.
Книгата посебно се задржува на биткоинот како најпопуларен вид на криптовалута. Биткоинот минатата година почна да бележи вртоглаво брз раст и достигна вредност до околу 15.000 долари, но денес вреди малку повеќе од 8 000 долари. Овие брзи и непредвидливи подеми и падови на вредноста на биткоинот, придонесуваат кон тоа да се создава и одредена недоверба за криптовалутите кај голем дел од јавноста. Многу експерти сметаат дека се работи за „балон“ кој е само прашање на време кога ќе пукне.
Како и да е, не може да се негира дека биткоинот и криптовалутите се неизбежен дел од дигитализацијата на апсолутно секоја сфера од животот, а со тоа се и носители на голем потенцијал особено за бизнисите.
Авторите Виња и Кејси ќе ви раскажат за потеклото на дигиталните пари, нивната функција и што е она што треба да го знаете доколку сакате да навлезете во оваа приказна на криптовалути.
Целосно се согласуваме со фразата која стои во описот на книгата и според која, „светот на дигиталните валути ќе изгледа сосема различно од светот на физичките пари, а книгата Ерата на криптовалутите ќе ве научи како да се подготвите за овој свет.“