Во срцето на полињата на Исланд се наоѓа една од најголемите „фабрики“ за биткоин во светот. Нејзината локација е тајна за да не можат да ја нападнат најсифистицираните крадци. Благодарение на подземјето преполно со топла вода, која овозможува создавање на многу струја и тоа по поволна цена, Исланд се претвори во рај за рударите на криптовалути како биткоин.
За разлика од еврата или доларите, кои ги издава централна банка, биткоин настанува во информатички „рудници“ или „фабрики“, како што ги нарекуваат компјутерите кои ја создаваат криптовалутата и потоа ја продаваат на берза на Интернет. Една таква „фарма“ се наоѓа во вулканската пустина во Исланд. Хангар од сребрен лим ги сокрива компјутерите, а покрај него се наоѓаат уште четири згради. Наскоро ќе бидат додадени уште две складишпта. Тоа е „фарма“ на компанијата Genesis Mining наречена Enigma, пишува 24sata. Името го добила по првата машина за деишфрирање пораки која ја користеле Германците во Втората светска војна.
Во хангарот се наоѓаат десетици илјади компјутерски системи за производство на биткоин. Сместени се на површина од 400 квадратни метри и произведуваат неверојатна бучава, слична на полетувањето на еден џамбо џет. Еден таков систем составен е од матична плоча, компјутерска меморија, хард диск, процесор и шест графички картички. Неговата функција е управување со сложени алгоритми за да може да се бележат континуирани трансакции, автентични и нумерирани. Таа технологија се вика вlockchain и вообичаено се споредува со дигитално сметководство, само што оваа треба да е неуништлива и невозможно е да се фалсификува.
Секои 10 минути во тие „фарми“ или „рудници“ се создаваат 12,5 биткоини. „Секој може да ги направи во својот дом без никакви пречки или технички органичувања“ објаснува Филип Салтер, претставник на Genesis Mining на Исланд. Салтер е 25-годишен инженер од Германија. Машините работат 24 часа дневно, седум дена во неделата. Од околу 17 милиони биткоини во оптек во целиот свет, делот направен во Исланд уште е скромен. Но, овој остров во северниот Атлантски Океан се надева дека ќе го зголеми својот удел и добивката откако кинеските власти објавија војна на виртуелната валута. Исланд нуди единствени услови во светот за производство на криптовалути поради својата геотермална енергија, која е многу евтина и е 100% обновлива.
Цената на просечен киловат-час енергија на Исланд чини 0,06 евра и е речиси двојно пониска од цената на струјата во ЕУ, според податоците на Евростат за 2016 година. Така Исланд е една од најконкурентните земји во Европа после Србија, Македонија и БиХ. Освен тоа, просечната годишна температура на островот од околу 5 степени Целзиусови е идеална за да се избегне прегрејување. Батерија со вентилатор го вовлекува поларниот ветар, го филтрира и го меша со топлината која ја создаваат компјутерите. Топлината на компјутерите достигнува 80 степени Целзиусови, но со помош на ветрот се намалува на 25 степени Целзиусови.
Компанијата Genesis Mining е основана кон крајот на 2013 година. Претходно се наоѓаше во БиХ, додека нејзините главни конкуренти беа во Кина или во САД. И други компании со информатички „фарми“ размислуваат да се селат на Исланд. „Побарувачата значително порасна, особено во последните три месеци“ велат од исландската електроенергетска компанија HS Orka.
Интересот за доаѓање на Исланд се зголеми по осцилациите на цената на биткоин, која моментално се движи околу 10.000 долари. Во декември беше околу 20.000 долари, па нагло падна на 6.000 долари. „Цената на биткоин не е добар индикатор за успехот на рударењето“ вели инженерот Филип Салтер. Според проценките на HS Orkа, трите најголеми компании кои имаат податочни центри и „фарми“ за криптовалути во Исланд во 2018 година треба да потрошат повеќе струја отколку сите 350.000 жители на островот заедно.