Tip of the Week – Ефективна презентација

- Advertisement -

„Tip of the Week“ се авторски текстови што се објавуваат секој четврток и обработуваат теми од секојдневниот живот коишто помагаат да го подобрите вашето лично и професионално работење. Коментарите за совети, можете да ги пишувате на: www.facebook.com/tipoftheweekPriracnik. Како сублимат на првите 100 совети издадени се единствените прирачници за личен и професионален развој.

Како да направите ефективна (Power Point) презентација?!

- Advertisement -

Многу често присуствувам на некои настани, промоции, презентации каде што презентерот ја користи Power Point (ПП) презентацијата како алатка која треба да му помогне во претставување на некоја идеја, концепт или план. Но, она што го гледам, во голем број случаи, таа не само што не му помага туку може да се каже и дека му одмага на презентерот во остварување на својата цел – задржување на вниманието на учесниците и пренесување на пораката онака како што презентерот сакал да ја пренесе. Премногу текст, фокус на слајдови, читање од нив, премногу информации, нејасни информации, шаренило итн.

Кои се некои аспекти (совети) коишто можете да ги земете предвид следен пат кога ќе подготвувате некоја презентација:

- Advertisement -
  1. Power Point презентацијата е алатка: прво, мора да се сфати ова правило. Најчестата грешка е тоа што ние мислиме дека слајдовите се она коешто ја прави една презентација добра или лоша. Но, во суштина, вие сте презентацијата. Луѓето се дојдени вас да ве слушаат. Компјутерот е само алатка што ве поддржува. Затоа, голем удел секако има содржинскиот и визуелниот идентитет на слајдовите, но главни сте вие! Во некои случаи (кога има можност), јас дури го поставувам платното на страна од публиката, а централно, пред нив се поставувам јас.
  2. Содржина: кога ќе ја развивате содржината на презентацијата, не тргајте од ЈАС перспектива. Тргнете од ТИ перспектива, т.е. од перспектива на слушателот/учесникот. Која е вашата порака? Што сакате публиката да запомни? Кој ќе ве слуша? Размислете кои се најважните информации што сакате да ги пренесете на слушателите и претставете ги кратко, преку минимум зборови, без опширно објаснување. Опширното објаснување треба да го направите вие. Луѓето можат активно да запомнат најмногу по 3 работи наеднаш. Тоа значи дека не смеете да имате повеќе од 3 важни работи на еден слајд.
  3. Кратко и јасно: бидете едноставни, без многу текст на слајдовите. Добар пристап ви е ако користите 1 слајд за 1 порака (не штедете на слајдови, штедете на зборови). Пораката може да се состои од неколку збора, напишани со огромен фонт. Луѓето ја примаат пораката во првите 3 секунди, затоа многу текст за читање ќе им го оттргне фокусот и вниманието.
  4. Визуелен изглед: иако има секундарна функција, изгледот, боите, фонтот играат голема улога во пренесување на ефективна порака. Не користете многу различни фонтови (максимум 2-3 во целата презентација). Користете повеќе слики кои можат да ја објаснат (надополнат) пораката, наместо текстуално да ги опишувате. Боите треба да се складни на вашата позадина. Може да користите светли и живи бои со цел да остават поголем впечаток на гледачот.
  5. Ефективно презентирање: во однос на стилот и начинот на презентирање, тоа најмногу зависи од вашето искуство и знаење, но ова се некои совети кои можете да ги земете предвид кога презентирате:
    1. Не го читајте текстот – подгответе се добро и знајте што и која порака сакате да ја испратите. Може да ги парафразирате, но не да ги читате зборовите. Ако сакате да истакнете некој текст / реченица, подобро оставете ги учесниците да ја прочитаат. 5 пати е поголем ефектот кога некој сам ќе прочита некој текст, отколку вие да му го читате.
    2. Не учете на памет – не ги учете слајдовите на памет. Тоа што го кажувате вие и она што е пишано на слајдовите, треба да се надополнува, не да се повторува. Ако нешто заборавите да кажете, продолжете понатаму и видете дали испуштеното може да се вметне некаде подолу во презентацијата (ако е важно).
    3. Контакт со очи –  е еден од најважните елементи во процесот на презентирање. Со тоа воспоставувате посилна релација со слушателите, ја држите контролата и ја зголемувате довербата и кредибилитетот кај нив.
    4. Предмет за сигурност: еден трик кој може да го користите, доколку сте неискусни во презентирањето, земете некој типичен предмет во рака (маркер, лист, пенкало, далечински од прожектор итн.). Звучи чудно, но верувајте ќе влијае на вашата сигурност како потпора.     

Со успех во промените,

Петар Лазаров,

- Advertisement -

член на тимот

Сподели!
- Advertisement -