Пренесување на знаењето на младите и создавање на квалитетни кадри кои ќе бидат конкурентни во оваа брзорастечка бранша, е една од главните цели на Академијата M3DS , вели еден од основачите Стефан Митров со кого разговараше Иновативност
Над 50 студенти во моментов чекаат можност да конкурираат за двојно помалку места на Академијата M3DS за 3Д и дизајн на видеоигри, која новата учебна година ќе ја започне наесен. Оваа млада Академија, која постои од 2016 година, во својот едукативен процес досега вклучила над 80 студенти во 3Д одделот, а некои од нив денес работат на нејзините проекти. Академијата M3DS е авторизиран тренинг центар, каде дипломите се меѓународни признати за софтверот на Autodesk. Деновиве, тие заедно со своите студенти, ја финиширале успешната соработка со Универзитетот во Кембриџ на проект за архитектонски дизајн. За потребите на универзитетот бил дизајниран мебел и технички елементи (props) со кои треба да се опреми цел факултет. Академијата активно соработува и со средните технички училишта од земјава, во кои нивните едукатори држат предавања за 3Д и дизајн на видео игри.
За Академијата, соработката со училиштата и идните планови, разговараме со Стефан Митров, еден од основачите на M3DS.
Митров е еден од четворицата едукатори во Академијата на M3DS, покрај Марко Спасеноски, Воислав Миленовиќ и Ѓорѓи Богатион. Иако многу млад, Митров зад себе има долг стаж во ИТ секторот. Во 2015 бил избран и за најдобар фриленсер во 3Д браншата земјата, со изработени над 120 проекти, а воедно е и најмлад авторизиран инструктор во 3Д категоријата во светот. Неодамна тој ги дизајнираше и автопатите за Dubai Expo 2020.
Пренесување на знаењето на младите и создавање на квалитетни кадри кои ќе бидат конкурентни во оваа брзорастечка бранша, е една од главните цели на Академијата M3DS . Митров вели дека нивната цел е да ги обучат младите таленти за ИТ технологии и да ги задржат, да работат тука во Македонија. Флексибилноста на работните часови, посветеноста на едукаторите и поддршката по завршувањето на Академијата, додека не најдат сериозен ангажман, според него, се главните причини што Академијата M3DS е избор на голем број млади.
„Новите генерации се многу технички подготвени и интересот за работа во нашиот сектор е голем. Сепак, во Македонија се соочуваме со проблем во нашата бранша, затоа што нашите специјалисти одат во странство да работат и да заработуваат, и тоа е во ред, но од друга страна не се присутни овде за да го пренесат своето знаење на новите генерации. Сакаме со нашата Академија тоа да го промениме, и да ги мотивираме нашите студенти да останат овде и тие да го пренесуваат своето знаење на нови генерации млади кои се заинтересирани да ги научат тајните на 3D и дизајн на видеоигри, како што ние сме им го пренеле нашето знаење на нив“, вели Стефан.
Затоа и идејата на Академијата на M3DS не е само да едуцира, туку и по завршувањето на едукативниот циклус, да остане партнер и поддршка на студентите. Со таа цел се организираат и различни настани преку кои што повеќе млади ќе се запознаат со ИТ технологиите.
Невладината организација It Novum ќе организира обука за 500 млади кои немаат никакви познавања од 3Д. Тие ќе добијат кратка обука од четири часа, како и можност да се натпреваруваат уште четири часа и да видат што научиле. Од 20 април до 17 мај ќе се организираат обуките за 3Д, по што ќе следува и хакатон, кој ќе биде организиран во соработка со Град Скопје на 18 и 19 мај во МКЦ. Студентите ќе работат на проекти за паметни градови (smart cities) во кои ќе можат да понудат економични решенија за модерни градови. Секако, некои од нив можеби ќе се примени и во Скопје, бидејќи и на нашиот град му требаат решенија вакви иновативни решенија.
„Целта е да се пријават што повеќе млади и на овој начин да видат дали 3Д е она што го очекувале и дали би сакале да се приклучат и во иднина да продолжат и да студираат на нашата академија. Во рамките на истиот настан ќе има и натпревар меѓу ученици од средните технички училишта со кои соработуваме, а најдобрите ќе добијат 3Д печатар“, нагласува Стефан.
Во академијата ги охрабруваат сите кои немаат предходни знаења да се пријават и кај нив да ги научат основите на 3Д и дизајнот на видеоигри. Студентите кои немаат други училишни или професионални обврски добиваат 1.200 часови обука годишно, додека, пак, за другите се подготвува програма со 550 часови.
Талентот во оваа работа не е пресуден, вели Стефан, туку напорната работа и вложеното време во изработката на проектите. Технологијата во оваа бранша оди постојано напред, а сите кои сакаат да бидат во чекор треба постојано да се надградуваат. Токму создавањето на врвна едукаторска основа, според Стафан е и целта на постоењето на Академијата на M3DS.
Овде, сите потенцијални студенти можат да се запишат на тримесечен курс, кој е погоден за почетници или пак, на едногодишни студии, кои се наменети за оние кои веќе ги одбрале 3Д и дизајнот на видео игри како потенцијална професија. На крајот од годината тие се веќе специјализирани во некоја од постоечките бранши, моделирање, текстурирање, анимација, рендерирање, ригување и симулација. Сите од едукаторите се специјалисти во одредена област, а и постојано си го обновуваат знаењето.
„Во академијата студентите точно ќе ги насочиме дали сакаат да работат како фриленсери или во продукција. Од искуство, повеќето ја одбираат втората варијанта, бидејќи тука многу е потешко да се научи pipeline, односно чекорите на работата во продукција, отколку задачите што се бараат од фриленсерите“, вели Стефан.
Македонските компании се конкурентни насекаде на светските пазари и многу често работат за најреномирани компании. Академијата соработува со едукативни центри во странство и со компании кои ги користат нивните услуги како Sony Pictures и Dream Works. Некои од студентите работат и за „Архона гејмс“. Според Стефан, успешната соработка зависи пред се од квалитетот на работата, но и од начинот на кој што се комуницира со клиентите.
„Академијата на M3DS е многу високо рангирана од нашите странски клиенти, бидејќи тие веќе стекнале искуство со нашите студенти и знаат дека, не само што се квалитетни и талентирани, туку и подготвени напорно да работат и добро го имаат совладано секој чекор во работата во организациска смисла“, вели Стефан.
Во септември, Академијата на M3DS ќе отвори и студио за дизајн на игри во кое на сите нивни академци, сегашни и поранешни, ќе им овозможат да изработуваат свои игри и да работат тимски, со цел да стекнат поголемо искуство и да најдат постојан ангажман.
„На тој начин, освен знаење, во рамките на Академијата ќе стекнат и практична работа, ќе можат да го збогатат портфолиото, па секаде каде што ќе конкурираат ќе бидат веднаш препознаени. За генерацијата академци планираме да подготвиме и изложба, на која ќе бидат претставени сите крајни дела кои ги изработиле во текот на едукацијата. Моделите ќе бидат испечатени со 3Д печатари“, вели Стефан.