Индексот на медиумската писменост за 2018 година (Media Literacy Index 2018) покажа дека земјите на Балканот се најранливите во Европа кога се работи за лажни вести и феноменот на пост-вистина и тоа поради силната политичка и економска контрола која постои врз медиумите, недоволното образование и ниското ниво на доверба во општество, пренесува порталот Marketing365
Извештајот е подготвен од Европската иницијатива за политики EuIP и Институтот отворено општество во Софија, а се опфатени 35 земји во Европа. Највисоко ниво на медиумска писменост има во Финска, а најниско во Македонија.
„Различни пристапи за градење на отпорност на феноменот на пост-вистина се поврзани со тоа како да се премостат фрагментираните вистини, да се намали поларизацијата – и едноставно да се вратите на здравиот разум. Друга работа што не треба да се заборави кога се размислува за овие, најчесто ‘онлајн проблеми’ (вклучувајќи и ТВ и принт), е тоа што тие предизвикуваат ‘офлајн’ реакции. Решение: најдобро е да не се откажувате од личната одговорност и да се едуцирате за ‘вредностите на учтивост’ и општа пристојност“ се заклучува во извештајот.
Рангирањето е изготвено врз основа на оценките кои државите ги добиле според неколку фактори како слобода на медиумите според Freedom House, слобода на медиумите според Reporters without Borders, рангирањето на ПИСА во однос на основна писменост, научна писменост и математичка писменост, процент на населението со универзитетска диплома според Евростат, доверба во другиот според Евростат и индексот за елетронска присутност.
Вкупната оценка на Македонија изнесува 10, што ја рангира на последната, 35-та позиција. Се работи за една оценка подолу во однос на минатата година, а ранг позицијата е иста.
Еве како изгледа целосното рангирање: