Домаќинствата во ЕУ ќе мораат да рециклираат половина од отпадот до 2025 година

- Advertisement -

Домаќинствата, но и компаниите во ЕУ ќе бидат обврзани да рециклираат најмалку 55% од општинискиот отпад кој го создаваат најдоцна до 2025 година, предвидуваат новите регулативи донесени од Европскиот парламент деновиве.

Како што пренесува порталот Euractiv, легислативата е дел од серија директиви со кои европските држави се обидуваат да го намалат загадувањето на околината. Предвидено е после 2025 година, таргетот за рециклирање да се зголемува за 1% годишно и да достигне 65% најмалку рециклиран отпад до 2035 година.

- Advertisement -

Податоците покажуваат дека навиката за рециклирање е повеќе застапена во западноевропските држави. Новите регулативи имаат вклучено и предлог за амбалажа и амбалажен отпад, за депониите и менаџирањето на отпадот, возила во отпад, отпад од батерии и електронски отпад.

Со оваа регулатива ќе се унифицира обврската за рециклирање во сите европски држави бидејќи моментално процентот на рециклиран отпад варира од држава до држава, па така во Малта се рециклира 8% од отпадот, додека пак во Германија дури 66%.

- Advertisement -

Исто така, државите како Австрија, Белгија, Данска, Германија, Холандија, Финска и Шведска скоро и да немаат отпад по депониите. За разлика од нив, во Малта се испраќа 92% отпад на депонии, а во Кипар, Грција и Романија повеќе од 80%.

ЕУ пратеничката Симона Бонафе изјавила дека се работи за „голема победа“ што конечно ќе се унифицира регулативата за рециклирање во ЕУ и додала дека најголем предизвик е промената на целиот економски модел – од линеарен кон циркуларен во кој материјалите кои ги користиме постојано ќе се реупотребуваат.

- Advertisement -

ЕУ сака да се позиционира како европски лидер во циркуларната економија во која производите, материјалите и ресурсите ќе се задржуваат во економијата колку што е можно подолго.

Сподели!
- Advertisement -