Овој викенд, рубриката #ИновативностЧита ја посветивме на големиот Стив Џобс, односно на извонредната биографија посветена нему. Предлог книгата Стив Џобс од авторот Волтер Ајзаксон е четиво кое секој треба да го прочита поради бизнис лекциите, но и животните лекции кои можете да ги научите од животот на големиот иноватор
Денес, скоро и да не постои човек кој не го препознава брендот на Apple поради големото поместување кое го направи во индустријата со едноставниот дизајн и функционалноста. Како „виновникот“ позади препознатливоста на Apple и нивните производи како Mac компјутери, iPhone, iPad и многу други, Стив Џобс беше фигура во која ретко кој не наоѓа инспирација.
Еве ако постои некој кој не го знае Џобс, тој беше американски претприемач, еден од ко-основачите на компанијата Apple и извршен директор на истата. Заедно со Стив Вознијак, во 1976 година ја отворија компанијата Apple претставувајќи го првиот производ на компанијата, Apple I компјутерот. Во првите години од постоењето на компанија немаше големи продажби, но вистинскиот пробив го направи во 1984 година со првиот Macintosh компјутер, чии наследници се исклучиво популарни денес.
Биографијата посветена на Џобс од Ајзаксон е прогласена за една од најдобрите биографии кои некогаш биле напишани, за што сведочи и огромната популарност на книгата. Уште кога ќе ја здогледате на полица, веднаш ќе ве привлече со едноставниот дизајн на корицата, исто како и производите на Apple.
Авторот Ајзаксон во текот на две до три години подготвувал и правел интерјвуа со самиот Стив Џобс, како и со членови на неговото семејство и колеги од компанијата. На крајот од овој период, Ајзаксон имал преку четириесет интервјуа кои почнал да ги обработува и да ја пишува биографијата базирана на нив.
Книгата го прикажува развојот на Џобс како личност, но и како голем креативец и иноватор кој со своите идеи и дизајн на проиводи успеа да направи револуција во неколку сектори како персоналните компјутери, анимираните филмови, музиката, мобилните телефони, таблет- компјутерите и дигиталното издаваштво. Многумина кои посветено ја следеа работата и достигнувања на Џобс ќе кажат дека тој им даде на купувачите производи за кои не беа ниту свесни дека им се потребни.
Волтер Ајзаксон е генерален директор на институтот Аспен, претседател на одборот на CNN и главен уредник на Time. Се работи за новинар кој со вистинска раскажувачка умешност ја пренесува приказната за Џобс, за да може читателот со леснотија да ја проследи.
Како што пишува во една реценција за биографијата, после читањето на истата, без разлика дали го сакате или го мразите ликот на Џобс, нема да можете да негирате дека е личност кој извршил огромно влијание на технолошкиот свет, но и светот воопшто. Стив Џобс почина во 2011 година после долага борба со тумор на панкреасот.
Оваа биографија на Стив Џобс е преведена и на македонски јазик и може да се купи во сите книжарници по цена од околу 600 денари.