Луѓето отсекогаш сакаат да можат да управуваат со своите соништа. Притоа не мислиме на целите кои сакаме да ги оствариме во животот туку на вистинските соништа кои ги имаме додека спиеме. Додека некои тврдат дека со доста тренинг може „свесно“ да спиеме и да управуваме со соништата, истражувачи од МИТ се свртеа кон технологијата за помош, пишува Zimo.
Според тврдењата на истражувачи од МИТ, третата генерација на направата Dormio ќе им овозможи на сите да управуваат со своите соништа. За разлика од електроенцефалограмот, кој ја мери мозочната активност, Dormio функционира на нешто поинаков начин. Наместо да се фокусира на РЕМ фазата на длабок сон, Dormio ја бара онаа фаза меѓу сонот и будењето.
Во таа фаза лицето кое уште спие може да слуша звуци или го губи чувството за себеси, за времето и просторот. Во таа фаза често се јавуваат добри идеи, иновативни и чудни решенија кои инаку во будна состојба би ги игнорирале. Dormio користи сензори за да ја следи напнатоста на мускулите и да го идентификува моментот кога телото влегува во т.н. хипнагонија.
Во тој момент системот со роботски глас дава сугестии на тој што спие да запамети нешто што ќе го поврзе со контролата врз соништата. Ако лицето продолжи да влегува во подлабок сон, системот го прекинува со реченицата „Паѓате во сон“.
Ако системот успее да го задржи лицето во хипнагонија, ќе го испитува за што размислува. Иако некои испитаници не знаеле за што зборувале во текот на спиењето, сите се сеќавал на сугестиите и го запаметиле зборот што им бил кажан при паѓањето во сон. За истражувачите на МИТ тоа е доволен доказ дека успеале да ги контролираат соништата од луѓето.
Продолжува работата и доусовршувањето на Dormiо, а можеби во иднина оваа направа ќе ни помогне да управуваме со сопствената креативна страна или да разбереме зошто некои луѓе месечарат додека спијат.