Идната година треба да бидат инсталирани нови четири ветерници за производство на електрична енергија кај Богданци. Вака најавија од ЕЛЕМ кои беа домаќини на претставници на косовската Влада кои се интересираа за постапките и процедурите за изградба на ветерен парк во Косово . Како што јави ТВ 24 директорот за развој при ЕЛЕМ Иван Трпески истакна дека се обезбедени 18 милиони евра.
„Миннистерството за финансии ни обезбеди кредит од 18 милиони евра од првиот финансиер, германската развојна банка КРВ, и очекуваме овој проект да започне наскоро, во форма на обезбедување дозволи, распишување на тендери за опрема или продолжување на постоечките договори и негде во 2019 година конечно изградба на преостанатите 4 ветерни турбини“, вели Иван Трпески – директор за инвестиции во ЕЛЕМ
Ветерниот парк кај Богданци е во функција четири години. За комплетирање на истиот се започнати процедурите и во наредните месеци се очекува да започне со набавка на опрема.
Македонија во својата стратегија освен изградба на нов ветерен парк планира и фотоволтаична централа која ќе биде најголема на Балканот.
„ЕЛЕМ дефинитивно ќе гради уште еден ветерен парк на локацијата Миравци и тој е планиран да биде 50 мегавати, но првата фаза ќе биде нешто помалку, 14 мегавати, а веројатно за многу брзо време ќе започне една поголема фотоволтаична електрана, мислам најголема на Балканот 10 мегавати во кругот на постоечкиот рудник во електраната Осломеј“, рече Трпески.
Државите од Балканот треба да се фокусираат на искористување на обновливите извори на енергија беше пораката на претставникот на западно балканскиот инвестициски фонд.
„Навистина има потреба да се зголеми капацитетот на обновливата енергија на Западен Балкан. Колку што знам првата ветерница е во Македонија. Откако се изгради овде план е да се градат уште ветерници на други локации, а некои веќе се изградени како на пример во Србија, така што постојат големи планови кои чекаат да се случат. Ова навистина е важно. Обновливата енергија се развива брзо“, вели Џереми Лезнби – WBIF
Парк кај Богданци има 16 турбини и годишно произведува 110 гигават часови електрична енергија и беше пример за изградба на ветерен парк во Босна.