Швајцарската компанија Nestle ќе плати нешто повеќе од 7 милијарди долари за преземање на малопродажбата на кафе, чај и храна на компанијата Starbucks надвор од нивните кафетерии, пренесува Bizlife.
Иако цената е висока, оваа зделка и тоа како може биде исплатлива за швајцарската компанија затоа што нејзините брендови Nescafe i Nespresso ни одблиску немаат тежина во Америка како што има Starbucks со 2 милијарди долари приходи од годишната продажба.
Според овој договор, комапнијата Nestle има право да продава и да дистрибуира поголем дел од производите на Starbucks, со исклучок на некои флаширани пијалаци кои се продаваат во кафетериите на Starbucks и надвор од нив.
Nestle минатата година навести дека ќе се посвети на сектори со поголем раст како што се негата на домашни миленици, кафето и храната за деца. Во јануари годинава компанијата одлучи за околу 2,8 милијарди долари да го продаде своето производство на слатки во САД на италијански Fererо.
Сега швајцарската компанија објави дека на Starbucks ќе му плати 7,15 милијарди долари и во компанијата ќе преминат околу 500 работници на Starbucks, кои ќе продолжат да работат од Сиетл, САД. Се очекува дека договорот ќе биде конечен до крајот на годината.