Велика Британија може да забрани употреба на пластика за еднократна употреба уште наредната година. Според Министерството за животна средина, храна и рурални прашања, во таа забрана ќе биде вклучено и нешто што го користиме секојдневно – влажните марамчиња, пишува TreeHugger.
„Како дел од 25-годишниот план за животна средина ние ќе го елиминираме секој пластичен отпад кој може да се избегне, а тука спаѓаат и производите за еднократна употреба како што се влажните марамчиња“ велат властите.
Оваа одлука доаѓа откако Thames21, група еколози кои ја надгледуваат реката Темза, го исчисти речното корито во близина на мостот Хамерсмит и собра 5.453 влажни марамчиња на површина од 116 м2 плажа.
„Количината фрлени влажни марамчиња сама по себе зборува за ургентноста на проблемо. Како земја, активностите ги насочуваме кон други пластични предмети како што се пластичните шишиња и чепкалките за уши, но сега треба да го прошириме нашето внимание и да бараме влажни марамчиња и други производи за хигиена кои се фрлаат во реките“ велат од Thames21.
Влажните марамчиња се индустрија во подем. Секторот постојано иновира и освен бебешките влажни марамчиња, сега можеме да купиме влажни марамчиња за лична хигиена, марамчиња за одржување на домаќинството, марамчиња за домашни миленици, индустриски марамчиња, па дури и посебни марамчиња против маларија. Се очекува овој сектор да расте со стапка од 6%-7% годишно и вредноста да порасне од 3b милијарди долари на 4 милијарди долари до 2021 година.