Фондот за иновации финансиски ќе ги поддржува и социјалните иновации

- Advertisement -

Поттикнување и финансиска поддршка на социјални иновации е новата програма во функционирањето на Фондот за иновации и технолошки развој и на Владата и институциите. Ова денеска го изјави директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) Јован Деспотовски по отворањето на првиот Goodbiz bootcamp Skopje – Валидација на бизнис и импакт модел „Добар бизнис“.

„Социјалните иновации се светски тренд, а Македонија сакаме да стане дел од тој светски тренд. Идејата на социјалните иновации е преку иновација да се стигне до конкретно, практично решение на социјални предизвици, односно проблеми во државата. Имаме целосна соработка и поддршка со  Министерството за труд и социјална политика во овој сегмент.“, рече Деспотовски. Додаде дека 15 стартапи во наредниот период ќе се посветат на социјалните иновации.

- Advertisement -

Деспотовски информира дека заедно со министерката за труд и социјална политика Мила Царовска се договориле до 15 јуни да го продолжат рокот за повикот кој веќе е во тек, а е поврзан со социјални иновации-„Оброк за сите“. Најави дека во наредниот период ќе работат на градење вештини за стартапите кои ќе се занимаваат со социјални иновации и додаде оти размислуваат за развивање посебна програма за финансирање, грантирање проекти.

Министерката Царовска изјави дека како Влада се обидуваат да ја вметнат социјалната компонента и во оперативните мерки за вработување кои веќе се во тек и затоа, како што рече, социјалните претпријатија и здруженијата на граѓани имаат можност да аплицираат и за стартапи, за субвенционирање плати, за опрема.

- Advertisement -

„Државата нема развиено социјални услуги и тоа се гледа. Не е важно само да трансферирате голема супа пари кон граѓаните, туку треба да им создадете услови и поддршка преку сервиси за тие да излезат од одреден социјален ризик. Тоа го немаме и затоа во новиот закон за социјална заштита токму тоа го вметнуваме. Навистина ќе ни се случи плурализација на системот, бизнис секторот и здруженијата на граѓани ќе може да создаваат услуги, а државата да плаќа за нив.“, појасни Царовска.

Новиот закон за социјална заштита во моментов се подготвува, а следниот месец ќе се дебатира за него. Се предвидува да се усвои во септември-октомври за да почне да се спроведува од 1 јануари 2019 година.

- Advertisement -

Инаку, „Оброк за сите“ е иновациски предизвик со кој се поттикнува создавање на иновативно решение за обезбедување на #ОброкЗаСите ранливи категории на лица и развивање на социјалното претприемништво во Македонија кое треба да придонесе кон зајакнување на солидарноста во општеството. Вкупниот буџет за овој повик е 2 милиони денари.

 

Сподели!
- Advertisement -