Околу 8.400 ученици од 112 основни училишта во 17 општини и градови и оваа година се стекнаа со дополнително практично знаење од областа на здравјето и безбедноста. Тоа е главната цел на едукативниот проект на Пивара Скопје, што петта година по ред се спроведува во соработка со општините и основните училишта од целата земја. Вкупната бројка на ученици кои до сега имаа можност да се едуцираат за безбедни и здрави школски денови надмина 26.900.
И оваа година, едукативниот проект наменет за учениците од четврто одделение, на волонтерска основа, го спроведоа над 70 вработени и членови на менаџерскиот тим на Пивара Скопје, кои во континуитет се обучуваат во областа на здравјето и безбедноста при работа со што стекнуваат соодветно знаење кое им го пренесуваат и на учениците.
Проектот се реализира преку интерактивни презентации кои се прилагодени на возраста на учениците, преку кои тие, во присуство на своите наставници, добиваат совети за тоа како правилно да го носaт школскиот ранец, како да го држат телото при седење во училишната клупа, кога пишуваат или се пред компјутер и за тоа како да спречат повреди предизвикани од лизгање, препнување и паѓање. Дополнително, учениците добиваат и совети како да се грижат за животната средина, за хигиената во училиштето и надвор од него и за тоа како да постапат при евентуална појава на пожар во училиштето или во други објекти каде престојуваат.
„Со советите и примерите кои на сликовит и забавен начин им ги пренесуваме на учениците сакаме да ги потикнеме да размислуваат како можат да го заштитат и унапредат сопственото, но и здравјето и безбедноста на другите, особено во училиштето каде поминуваат добар дел од своето време, како и надвор од него. Тргнуваме од тоа дека добрите животни навики подобро се прифаќаат на помлада возраст и кога се споделуваат со останатите врсници. Среќни сме што на сите досегашни презентации во изминатите пет години наидуваме на одличен прием кај учениците и нивните наставници, што е најдобар показател дека ја постигнуваме нашата цел – како компанија, но и како поединци, да дадеме придонес кон создавањето нови здрави генерации и одржлива иднина за сите“, вели Владимир Косијер, генерален директор на Пивара Скопје.
Овој едукативн училиштен проект е само еден сегмент од континуираните вложувања и напори на Пивара Скопје и на нејзините вработени за поддршка и унапредување на квалитетот на животот на сите членови на заедницата. Конкретно, во областа на здравјето и безбедноста, Пивара Скопје е меѓу првите компании во земјата која уште од 2007-ма година го има воведено и е сертифицирана според водечкиот меѓународен стандард за управување со безбедноста и здравјето при работа – OHSAS 18001. За своите постојани вложувања, постигнатите резултати и грижата за здравјето и безбедноста на своите вработени, на потрошувачите и на пошироката заедница, компанијата ја доби и Националната награда за најдобри практики од областа на безбедноста и здравјето при работа.