Од вчера, понеделник, 28 мај 2018 година, започна втората етапа за жителите на општина Карпош за аплицирање за субвенции за купување на нови велосипеди.
По првичниот јавен повик на кој граѓаните на Карпош покажаа голема заинтересираност, согласно одлуката на Советот на локалната самоуправа, одобрени се дополнителни 360.000 денари финансиски средства од буџетот на Општината кои ќе бидат на располагање токму за оваа намена. И овој пат, важи истиот принцип на „прв дојден, прв услужен“ до целосно исцрпување на предвидените средства.
Сите заинтересирани можат да поднесат документи кај координаторот на проектот Марко Петрушевски, во Секторот за екологија и енергетска ефикасност, кој се наоѓа на вториот кат во ОУ „Лазо Трповски“. Апликантите треба да понесат со себе оригинал фискална сметка со сметкопотврда од велосипедот купен од вчерашниот датум натаму, заклучно со денот до кога акцијата ќе трае, како и копија од лична карта и копија од трансакциска сметка.
Општина Карпош ќе субвенционира 20% од вкупниот износ на новиот купен велосипед или максимум 3.000 денари од цената на купениот велосипед.
Како што истакна и градоначалникот на општината Стефан Богоев, со субвенционирањето при купување на нови велосипеди, се стимулираат Карпошани активно да користат велосипеди, со што ќе се придонесе за намалување на загаденоста на амбиенталниот воздух, а со тоа и ќе се унапреди заштитата на животната средина.