Врвните македонски вина на Винарската визба „Тиквеш“ и бутик винарницата „Домен Лепово“ освоија две нови златни и шест сребрени медали на реномирани светски вински натпревари кои се одржуваат во Белгија и Франција
Поконкретно, на годинешниот вински натпревар „Concurs Monddial de Bruxelles“ што се одржа во Брисел, на виното „Т’га за југ“ од бербата 2016-та му е доделен златен медал, а сребрени медали добија пет вина, и тоа: „Александрија куве (црвено)“ и „Вранец Special Selection“ од бербата 2016-та, „Темјаника Special Selection” и „Барово (бело)“ од бербата 2017-та, како и „Домен Лепово гранд куве“ од бербата во 2015-та година.
Речиси истовремено, на натпреварот „Les Citadelles du Vin 2018“ кој се одржа во Бордо, Франција, црвеното „Гранд куве“ од премиум брендот „Домен Лепово“ од бербата 2015-та е наградено со златен медал, а на „Вранец Special Selection 2016“ му е доделен сребрен медал.
На најпрестижните светски вински натпревари кои традиционално се одржуваат во првата половина од годината, вината на „Тиквеш“, досега оваа година освоија дури 50 медали и специјални признанија за квалитетот на своите врвни вина, со што најголемата домaшна винарница во светски рамки го зацврстува стекнатото реноме како најнаградувана винарница од Југоисточна Европа.