Јаз меѓу потребите на стартапите и услугите кои организациите ги нудат, недостатокот на заедничка развојна рамка и недоволна соработка меѓу чинителите во екосистемот. Ова се клучните сознанија од стражување за состојбата на стартап екосистемот во Македонија кои беа презентирани денес во Скопје
Истражувањето го спроведе Стартап Македонија, со поддршка од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем, од јануари до април 2018 година при што беа интервјуирани 65 стартап компании и 20 организации за поддршка на стартапи (инкубатори, акцелератори, тренинг центри, итн.), како главните чинители во стартап екосистемот. Главните проблеми кои беа идентификувани со истражувањето се ниската ефективност на услугите кои компаниите го добиваат од организациите за поддршка на стартапи, јазот во потребите на компаниите и услугите кои организациите ги нудат, недостатокот на заедничка развојна рамка и недоволната соработка меѓу чинителите во екосистемот.
„Како што мапирањето на екосистемот покажа, и покрај големиот потенцијал на стартапите во Македонија, овдешното опкружување не е најадекватно за нивниот раст. Фрагментираниот екосистем прави услови во кои што компаниите имаат тешкотии кон пристапот до финансии, додека пак инвестициските фондови тешко успеваат да ги идентификуваат стартапите кои стигнале до доволна фаза на развој. После ова мапирање, евидентна е потребата од адекватни услуги во поглед на менаџирање, продажба и пристап до финансии. И покрај сите недостатоци, постоењето на можности за подобрување на екосистемот е доволна мотивација за понатамошна работа на сите засегнати актери, вклучувајќи го и Проектот.”, изјави Мирјана Македонска, директорот на Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем.
За илустрација на јазот меѓу побарувачката и понудата на услуги, истражувањето покажа дека додека 75% од стартап компаниите имаат недостаток од знаења во областа на продажба, само 35% од организациите нудат ваков вид на поддршка. Понатаму, 80% од организациите нудат менторски услуги, што пак го бараат само 11% од стартап компаниите. Во однос на спремноста за инвестиции, организациите за поддршка ги оценуваат стартап компаниите 2,25 од 5, што означува ниска спремност која е дополнително поддржано од податокот дека 66% од организациите го идентификуваат финасирањето како главен предизвик за раст на нивниот бизнис. Половина од стартап компаниите сметаат дека нема доволно соработка во рамките на екосистемот, додека пак 80% од организациите на поддршка нудат услуги за ,,вмрежување и соработка”.
УСАИД и Стартап Македонија, подготвија и препораки за зајакнување на стартап екосистемот како: употреба на заедничка рамка за идентификација на нивото на развој на стартапите, фокус на развивање услуги за развојните фази каде што се најпотребни, подобрување и диверзификација на кадарот во стартапите, повратни информации за креираните продукти и услуги, програми со јасни цели за стартапите и поголем почетен капитал вложен во стартапите.
Според Виктор Дано од Стартап Македонија, иако денес во Македонија имаме повеќе организации кои нудат поддршка за стартапи, забележана е намалување на бројот на стартапи во споредба со периодот пред пет години.
„Голем дел од организациите за поддршка на стартапи ја нудат поддршката во првата фаза на развој на стартапот, а ретко кога стартапите имаат поддршка кога доаѓа фазата на развивање на продуктот.“, додаде тој.
На дискусијата што се разви после презентацијата на резултатите од истражувањето се заклучи дека е потребно организациите за поддршка на стартапи да го олеснат процесот на поврзување на стартапите со големите компании, да се најде начин да се вклучат и соодветните владини институции во процесот, како Фондот за иновации и надлежните министерства и да им се помогне на стартапите да формираат тимови за продажба и бизнис развој, особено стартапите кои започнуваат само со тимови од програмери.
Целосното истражување е достапно и може да се преземе на следниов линк.
Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем ќе ја зајакне конкурентноста на микро, малите и средните претпријатија (ММСП) во Македонија преку подобрување на деловните услуги, финансирањето и пазарните врски со цел потикнување на пораст на продуктивноста и вработувањата во ММСП. Со цел подобрување на системските услови за работа на бизнисите, Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем соработува со организации од стартап сферата во идентификување и подобрување на недостатоците присутни во македонското деловно опкружување. Ова мапирање преставува првиот чекор од заложбите на Проектот за креирање на стартап екосистем кој овозможува раст на продуктивноста, приходите и работните места во Република Македонија.
Истражувањето е исто така сумирано во анимиран инфографик достапен во видеово.
https://www.youtube.com/watch?v=kWw57Q292jA&feature=youtu.be