НБРМ објави нова едукативна публикација за најмладите

- Advertisement -

Народната банка на Република Македонија ја објави едукативната публикација „Стрипотека со Денарко“, наменета за најмладата популација во земјата, пред сè, за децата од основните училишта. Оваа публикација е уште еден од проектите со кои централната банка се обидува да придонесе за соодветно квалитетно финансиско образование на новите генерации, кое ќе овозможи зголемување на финансиската писменост на населението и во иднина.

„Стрипотека со Денарко“ претставува збирка од петнаесет едукативни стрипови, чиј концепт овозможува интерактивно читање преку кое учениците, особено оние од повисоките одделенија во основните училишта, може да ги стекнат основните знаења од темите што се важни за почнување на процесот на доживотно финансиско едуцирање. Стриповите и претходно беа објавувани во детските списанија што учениците ги добиваат во основните училишта во земјата, што е резултат на залагањата на НБРМ да обезбеди што поголема литература за финансиско едуцирање на најмладите.

- Advertisement -

Со намера овие стрипови да се користат за финансиско подучување и на следните генерации, преку овој проект НБРМ овозможи овие едукативни материјали да се приспособат и да се систематизираат во една целина, како одделна публикација, надополнети со нови информации што досега не беа опфатени во објавите во списанијата за деца. Сега овие едукативни стрипови стануваат подостапни за наставниците и за родителите, а најмладите добиваат едно сеопфатно едукативно четиво.

Со цел оваа публикација да ја оствари својата намена, се настојуваше таа да се подготви на начин соодветен за да се задржи вниманието и да се пренесат знаењата кај најмладата популација. Се очекува дека во натамошниот период „Стрипотека со Денарко“, како четиво што се вбројува меѓу малкуте публикации што целосно се фокусирани на финансиското подучување на најмладите, ќе наиде на интерес не само кај учениците во основните училишта туку и кај наставниците и родителите.

- Advertisement -

Народната банка на Република Македонија  и натаму ќе извршува активности коишто придонесуваат за подигнување на нивото на финансиска писменост на населението, посветувајќи ѝ одделно внимание и на младата популација.

Сподели!
- Advertisement -