„Јас и ти“ е македонски стартап со кој основачката Пандорка Чушкова Мишкова и нејзиниот сопруг Диме Мишков, кој воедно го дал идејното решение, се обидуваат да го променат начинот на кој се планираат венчавките. Во разговор со Иновативност, тие раскажаа повеќе за нивната приказна и визија.
„Идејата за „Јас и ти“ ни дојде спонтано кога се соочивме со организација на нашата свадба. „Јас и ти“ е платформа за автоматско генерирање на персонализирани свадбени веб страници. Ова е за сега единствена замена на традиционалниот начин на испраќање свадбени покани, пребројување и планирање на гостите, и споделување на фотографии од венчавката.“, раскажува Пандорка.
Целиот процес се одвива онлајн, со тоа што младите прво избираат еден од понудените дизајни, означуваат како ќе гласи нивното уникатно URL, на пример pandorkaidime.jasiti.mk, и го добиваат системот за користење. При тоа тие имаат пристап до позадинскиот дел на веб страницата, односно имаат контролна табла преку која ја уредуваат персонализираната веб страница, и имаат мошност за споделување информации со своите гости.
„Платформата автоматски генерира свадбена покана која младите ја испраќаат до гостите преку електронска пошта. Со добивање на електронската покана, гостите имаат пристап до целата персонализирана веб страница каде се информираат за свадбата. Целиот систем го тестиравме за нашата свадба и бевме позитивно изненадени од повратните реакции на гостите, затоа што на гостите ова им беше нешто невидено и нетипично. Кога се оди според традиционалната процедура, на гостите им ги носиме поканите од врата до врата, па им се јавуваме да ги потсетиме да ни потврдат дали ќе присуствуваат на свадбата, а на овој начин, тој процес се елиминира и секој кога ќе ја добие поканата, преку својата електронска пошта го потврдува присуството. Едноставно, гостите го внесуваат своето име и презиме, кликаат на испрати, веднаш добиваат порака од стилот „Ви благодариме“ или „Поздрав од младенците“ и тие се позитивно изненадени бидејќи пораката е лична“, велат Пандорка и Диме.
Веб страница започнува со најавен текст преку кој младите официјално ги покануваат гостите. Овде е датумот на свадбата, како и одбројување до „големиот настан“. Потоа следуваат информации за младите заедно со фотографија, како и делот за приказната на младите. Потоа се наведени останатите „актери“ како кумови, старосватови или останати кои младите сакаат да им ги претстават на гостите. Младите имаат целосна слобода во уредувањето на најавниот текст и можат сами да си додаваат или одземаат информации според нивните желби. Потоа следи делот со локациите каде ќе се одржи венчавката. Првично се ставени три локации: на регистрирање, венчавка и приемот во ресторан, заедно со времето кога ќе се одржи секоја посебна церемонија, и мапа со која гостите точно знаат каде треба да пристигнат. На крај доаѓа галеријата во која младите си прикачуваат слики од пред или од самата свадба кои одреден период се достапни на веб страницата за да можат гостите да си ги преземат.
„Достапни се три пакети кои младите можат да си изберат и да купат. Се разликуваат по времетраењето на веб страницата од 3, 6 или 12 месеци, кои се однесуваат на тоа колку време им е активна страницата. На барање на младите, постои можност да го продолжат времетрањето на веб страницата, доколку тие видат дека веб страницата им е посетувана и дека на гостите им е потребно повеќе време за да си ги превземат сликите.“, објаснува Диме.
Кога се испраќа поканата преку електронската пошта, во делот каде што се пополнуваат податоците за гостите, може еден од семејството да внесе податоци за повеќе гости. Во делот со коментари, гостите можат да си побараат музички желби, да наведат доколку имаат некоја алергија на храна за да може да се промени нивниот оброк на свадбата итн.
„Имаме четири активни дизајни односно теми за персонализираната веб страница, а во моментот работиме на петтата тема. Оние што ги имаме моментално се со светли пастелни бои и цветни дизајни, а петтиот го правиме да биде поразличен, со потемни бои и златни и елегантни орнаменти. Дизајните се идентични по секции, но уникатни по изглед. Постои флексибилност за оние кои доколку на почетокот изберат еден дизајн, а подоцна се предомислат, може бесплатно да го променат со друг без да ги изгубат податоците кои ги имаат на персонализираната веб страница“, објаснуваат тие.
Дека се работи за навистина оригинално и интересно решение, сведочи и фактот што првите клиенти ги добиле првата недела кога го лансирале системот, во период кога уште немале почнато со маркетинг и ПР активности. Пандорка и Диме велат дека во тој момент добиле валоризација на идејата на пазарот.
„Системот е многу интуитивен за работа и бидејќи е автоматизиран, буквално со само неколку кликови на младите им се генерира веб страницата. Дополнително, како што гостите ќе го потврдуваат присуството на свадбата, системот автоматски креира детална табела со потврдени гости за да имаат точен број и да си планираат, а имаат и податоци за гости кои одбиле да дојдат. Моментално платформата е достапна на македонски и англиски јазик, а се работи да биде достапна и на албански јазик. Во иднина сакаме да ги прошириме функционалностите на платформата и да воведеме нови модули. Модул на кој веќе работиме е калкулаторот на трошоци кој треба да им помогне на младите да имаат проекција за трошоците кои ги очекуваат со планирањето на свадбата“, вели Пандорка.
Раскажуваат дека работат и на градење на база на соработници односно компании кои се дел од свадбеното планирање, чии услуги ќе придонесат кон поголем квалитет на планирањето на свадба и младите ќе можат да ги разгледаат и изберат услуга по своја желба. Се работи за соработка со некои фото студија, ателјеа за дизајнирање на фустани, кетеринг служби и сл. кои младите ќе можат преку jasiti.mk да ги контактираат. Нивната идеја е на една платформа да можат да ги добијат сите овие информации.
„Сметаме дека потенцијалот на пазарот е голем, со тоа што годишно во Македонија се прават околу 14 000 венчавки. Доволно е да опфатиме мал процент од овие венчавки што ќе ни помогне да го развиеме стартапот. Добивме позитивни реакции и од Србија каде во моментот бараме соработници за потенцијална експанзија и на тој пазар. Во Србија годишно се прават околу 30 000 венчавки.“, објаснуваат Пандорка и Диме.
За крај, Пандорка и Диме потецираа дека нивниот стартап е општествено одговорна и еколошка компанија со тоа што со преку оваа платформа, се елиминира непотребното печатење на покани и трошоци за дистрибуција, како и печатење на свадбените фотографии во голем број, кои подоцна завршуваат во албум или во фиока.
Ако во иднина планирате свадба и сакате планирањето да ви биде едноствано и уникатно, не двоумете се да го контактирате тимот на „Јас и Ти“ преку нивната Фејсбук страница на овој линк или директно преку веб страницата овде каде ќе се информирате за цените на пакетите и темите кои може да ги изберете.
(Пишува – Бисера Срцева)