Ирена Каракашев и Христијан Блажовски ја креираат Едулактика, платформа за поголема продуктивност и помали трошоци на компаниите

- Advertisement -

Функционирањето на големите индустрии, особено на увозно-извозните компании е многу често зависно од следењето на применливата регулатива и усогласувањето на работата со прописите. Во многу компании вработените рачно ги следат новините во регулативата, што доведува до ризик од нецелосно или задоцнето усогласување, но и можност воопшто да не биде превидено во процесот на усогласување.

Овој проблем бил предизвик за Христијан Блажовски и Ирена Бачановиќ- Каракашев, да ја креираат Едулактика, платформа за воведување на дигитални решенија во следењето на регулативите, која на компаниите им обезбедува да растат и да ги унапредат нивните знаења.

- Advertisement -

Новинар – Сања Наумовска

Христијан, објаснете ни што е Edulacatica?

- Advertisement -

Едулактика е компанија за советодавни услуги, која на пазарот постои веќе три години. На професионалците и бизнисите им овозможува да растат поврзувајќи ги со знаење, идеи и можности. Како компанија се залагаме за промени и ги поттикнуваме клиентите на иновации и унапредување на нивните знаења, пред се, во областите на усогласеност и етика, преку организирање на едукации, нудење на консултантски услуги, како и обезбедување на иновативни решенија кои помагаат во олеснување на начинот на секојдневното извршување на работните задачи.

Побарувачката за организирање едукации и давање на консултантски услуги од областа на усогласеност со прописи и интегритет, јасно ја препозна потребата на компаниите, независно од нивната големина и индустријата на која припаѓаат, за стручна поддршка, менторство и/или едукација, не само на домашниот, туку и пошироко на меѓународниот пазар.

- Advertisement -

Какво решение нуди Едулактика на пазарот?

Христијан: Согледувајќи ги реалните потребите на компаниите преку активностите на Едулактика, долгогодишното искуство во финансискиот сектор, како и предностите на конкретните дигитални решенија кои веќе постојат на пазарот, заедно со Ирена Бачановиќ Каракашев започнавме со активности за развивање на платформа за компаниите која ќе претставува практична алатка едноставна за користење во нивните секојдневни деловни активности и ќе овозможи донесување на информирани деловни одлуки, врз основа на претходно спроведена анализа на ризиците од неусогласеност и интегритет. Целта на платформата е преку поголема автоматизација на работните активности и процеси, компаниите да имаат подобрена ефикасност и продуктивност, како и дополнителна заштеда на трошоците од работењето.

Кои услуги ги нуди и за кого е наменета платформата, кои се потенцијалните клиенти?

Ирена: Платформата може да се користи од страна на правни и физички лица за усогласување со релевантната регулатива за индустријата на која припаѓаат и првична проценка на степенот на усогласеност со конкретна регулатива, спроведување на детална анализа на соработниците и останати трети страни (third party management), како и можност за поврзување со професионалци за усогласеност со прописи, заради споделување на искуства, знаења и добра пракса, како и можност да се добиваат навремени информации за новини, трендови и за посета на едукации, заради нивна практична применливост, во секојдневното работење на компаниите. Во почетната фаза, фокусот за користење на оваа алатка ќе биде ставен на клиенти кои се увозно/извозно ориентирани компании, како и компании кои доаѓаат од поголемите индустриски сектори (финансискиот сектор, фармацевтската индустрија, телекомуникации и сл.).

Кои се бенефитите од нејзиното користење?

Ирена: Платформата е намената за потребите на различни заинтересирани страни. За почеток, на офицерите за усогласеност со прописи или вработените во правните оддели, ќе им овозможи едноставно дигитално искуство при процесот на усогласување/прилагодување на работењето на компанијата со применливата регулатива, наместо досегашното рачно усогласување и трошење на дополнителни ресурси за разбирање и толкување на прописите, заради нивно соодветно имплементирање во секојдневното работење.

Усогласувањето со постојано променливото регулаторно опкружување и настапувањето на различни пазари, како и сигурноста за одлучување врз основа на детално спроведена анализа на деловната страна, со која се соработува, или кон/од кого извезуваме/увезуваме е особено значајно за компаниите. Токму од тие причини, менаџментот на компанијата ќе биде во можност да носи информирани деловни одлуки, со кои ќе се минимизира ризикот од потенцијални казни, губење на дозвола за вршење на дејност, како и репутацискиот ризик кој за секоја компанија има посебно значење.

На крајот, преку можност за генерирање на различни видови извештаи за работењето на компанијата и нејзина усогласеност посебно во делот на ESG регулативата, ќе се овозможат потребните информации за компанијата и за потребите на останатите заинтересирани страни (акционери, потенцијални инвеститори и сл.).

Зошто развивате токму ваков продукт? За кој пазар е наменет?

Ирена: Придобивките од дигитализација на деловните активности и нејзино вклучување и во областа на усогласеноста и интегритетот на компанијата е очигледна, а тоа е стратегиските и сложени прашања да бидат оставени на вработените, заради нивна додадена вредност, која долгорочно ја зголемува конкурентноста.

Преку соработката со клиенти од различни индустрии, како на домашниот, така и на регионалниот пазар, увидовме различни предизвици, при следењето на применливата регулатива, што значително влијае и го отежнува усогласувањето на работењето на компаниите со прописите. Вработените во компаниите рачно ги следат новините во регулативата, што доведува до ризик од нецелосно, односно задоцнето усогласување, како и можност воопшто истото да не биде превидено во процесот на усогласување. Меѓутоа она што сметаме дека е значајно да се напомене е дека усогласувањето со применливата регулатива претставува долг и макотрпен процес каде што не секоја компанија, во зависност од нејзината големина и расположливите ресурси има можност и квалитетно да ја имплементира. За таа цел, можноста која ќе ја нудиме преку платформата значително ќе го намали времето на пребарување на регулативата, а особено ќе овозможи стручна помош и поддршка заради обезбедување на потребниот квалитет, при нивното практично имплементирање.

Дополнително, сметаме дека на пазарите се повеќе се нагласува потреба за комуникација и споделување на искуства меѓу вработените во надлежните оддели за усогласеност со прописи и/или правна служба кои припаѓаат на различни индустрии, нешто што нашата платформа ќе го овозможи на едно место, односно овластените лица во компаниите,  ќе можат, во реално време да побараат и добијат соодветна информација.

Снимените едукации и материјали, дополнително ќе овозможат пристап и подобрување и олеснување на пристапот до знаење во делот на усогласеноста и интегритетот.

Платформата и нејзиното користење не се ограничени на домашниот пазар. Плановите се во насока платформата, покрај на домашниот и регионалниот пазар, да се нуди и европскиот пазар, поради тоа што платформата е планирано првично да содржи обработени системски закони каде постои скоро целосно преклопување со оние на ЕУ законодавството. Заради едноставност при користењето, сите содржини е планирано да бидат преведени на локални јазици, како и на англиски јазик.

Во која фаза на развојот е во моментот, барате ли инвеститори?

Христијан: Развојот на платформата во моментот е во почетна фаза, поточно во фаза на тестирање, каде верувајќи во бенефитите од користење на оваа платформа, за почеток членовите кои се делот од тимот за развивање на платформата, започнавме со подготвителните активности, од сопствени средства.

Сепак, со цел непречено одвивање на активностите кои следат, засилено бараме и инвеститори кои што ќе ја препознаат нашата визија и мисија, базирана на нашето досегашно значајно професионално искуство и спроведена анализа на квалитени дигитални решенија во оваа област,  да понудиме интегрирано дигитално решение – платформата, кое ќе опфати различни аспекти од областа на усогласеноста и интегритетот, а со тоа ќе биде достапно и ќе има практична примена кај компании, од различна големина и индустрија.

Што е тоа што вашата платформа ја разликува од слични продукти на пазарот, има ли иновативна компонента?

Ирена: Платформата претставува алатка за усогласеност и етика,  која на начинот на кој е креирана нуди „Се на едно место“, нешто што засега во ваква форма не се нуди на домашниот, додека ретко може да се сретне и на странските пазари.

Препознавајќи ја потребата за обезбедување на дополнителни ресурси за инвестиција при дигитализација на компаниите, како што е користење на ваква платформа, се одлучиме за интегриран пристап при нејзиното креирање, со цел да ги вклучиме предностите од различни поединечни дигитални решенија кои веќе постојат на пазарите, а заради оптимизирање на трошоците за набавка на вакво решение.

Водени од желбата да обезбедиме квалитет на услугата која ќе се добива преку користењето на нашата платформа, која се темели единствено на неопходните информации за проценка на ризици од неусогласеност и етика во процесот на донесување на информирана деловна одлука, започнавме соработка и со други партнери кои веќе нудат дигитални решенија за одредени аспекти, а каде сме препознале можност за  синергија и додадена вредност, во поглед на зголемување на квалитетот и уникатноста на нашата платформа. Секако, платформата е флексибилна и остава простор да биде лесно прилагодена и/или надоградена за потребите на конкретна компанија.

Какви се вашите планови за во иднина, во врска со развојот на платформата, но и генерално?

Ирена: Платформата функционира и е замислено да ги следи регулаторните и дигитални трендови на пазарите на кои ќе се нуди, па од тие причини и идните планови за нејзино надоградување се во насока на обезбедување на можност за обработка на голем обем на податоци со кои компаниите располагаат, вклучително и користење на вештачка интелигенција и машинско учење.

Целата е јасна, да се автоматизираат сите оние активности и процеси кои поради обем не можат повеќе да бидат следени рачно, а по значајност можат да бидат предмет на обработка од страна на дигитална алатка, што ќе оптимизира ресурси и ќе овозможи повеќе време за квалитетно и стратешко делување на експертите за усогласеност и етика, независно дали во рамките на компанијата или како надворешна услуга.

 Кажете ни нешто повеќе за себе и Едулактика.

Христијан: Едулактика е компанија која што и во иднина ќе продолжи да се развива и ќе нуди едукации, консултантски услуги, меѓутоа и развој на иновативни решенија за автоматизирање и поедноставување на активностите на компаниите, од областа на усогласеноста и етиката. Македонија е нашата база и почетна точка која има потреба за иновативни дигитални решенија и едукација, имајќи ја во предвид стратегиската определба на државата за влез во ЕУ.  Едулактика соработува со врвни експерти од државата и странство, што ни дава дополнителна вредност и можност за ширење на нашите услуги, и надвор од границите на Македонија.

Дополнително, како општествено одговорна компанија значително се залагаме за развој на финансиска едукација на граѓаните, па во таа насока работиме и на активности за развој на едукативна платформа, намената за разни ранливи категории на граѓани, а особено за  социјално загрозените граѓани кои имаат потреба од финансиска едукација и практичен пристап при појаснување на начинот на користење и разбирање на финансиските услуги.

Сподели!
- Advertisement -