Дваесет и шест згради во општина Центар добија енергетско-ефикасни фасади кои ќе го задржат автентичниот изглед на зградите и боите за кои последниот збор ќе го имаат жителите. Од Општината информираат дека фасадирањето ќе биде на целата зграда, и не со барок туку енергетско-ефикасни фасади кои ќе значат голема финансиска заштеда за семејниот буџет.
„По реконструкцијата, заштедите на сметките за топлинска енергија ќе бидат намалени за една третина. На огласот што го објави Општина Центар беа поднесени вкупно 65 пријави, а Комисијата донесе одлука во првата фаза да влезат 26 станбени објекти врз основа на исполнети услови и критериуми.“, соопштија од Општината.
Планирано е зградите да се реконструираат во период од две години. Проектот ќе биде поддржан со финансиски средства од буџетот на Општина Центар, во висина од 70% од вкупниот износ од вредноста на енергетски ефикасната фасада на станбената зграда за колективно домување за секоја одобрена апликација, поднесена од заедница на станари или од мнозинството сопственици на посебните делови од станбената зграда апликант.
Ако во семејство кое живее во колективната станбена зграда која е избрана за реконструкција на фасада има социјален случај или лице со посебни потреби, врз основа на документ со кој ќе се докаже тоа, Општина Центар ќе го финансира неговиот дел при финансирање за реконструкција. Сопствениците на посебни делови преку кредитирање или во готово ќе ги обезбедат преостанатите финансиски средства во висина од 30% од вкупниот износ од вредноста на енергетски ефикасната фасада. Предуслов за отпочнување на реконструкција на фасада е да бидат уплатени средства во висина од 30% од вкупниот износ од вредноста на енергетски ефикасната фасада на жиро-сметка на Општина Центар.