Белград својата стара железничка станица ја претвора во музеј, а Париз направи нешто сосема спротивно – својата некогашна железничка станица ја претвори во центар за развој на стартап компании, пренесува Bizlife.
На прв поглед и без сомнение – станува збор за зграда на железничка станица. Луѓето доаѓаат и заминуваат, а неколку илјади и остануваат во неа. Иако не патуваат никаде, чекаат – и тоа во свој ред и момент кога нивната идеја ќе го освои францускиот, а можеби и светскиот пазар.
Должината на станицата е еднаква на најпознатиот симбол на Париз – Ајфеловата кула и изнесува околу 300 метри. Под покривот на старата железничка станица се наоѓа Station F, место на кое креативните идеи добиваат свои инвеститори. Тоа најчесто се случува на саеми за вработување во централниот хол и сите се на едно место – партнери, претприемачи, инвеститори, институции. Тука многу брзо се поминува патот од формален разговор до инвестиција вредна стотина илјади евра.
Освен централниот хол, на корисниците им се достапни и канцеларии за состаноци со инвеститори, како и простор во кој можат да работат на своите идеи заедно со компании чија работа е да им помагаат на стартапите. Една таква е Creative Valley, од каде што велат дека за тоа е потребно малку повеќе од добра идеја.
А што работи државата? Не учествува директно туку асистира затоа што во Station F е присутен и таканаречен French tech central. Тоа се претставници од повеќе од 20 институции кои даваат одговори на административни, даночни и прашања врзани за правата и обврските на стартап компаниите.
Од Стопанската комора на Франција истакнуваат дека луѓето кои основаат стартапи сакаат да се независни, што значи дека не бараат и не очекуваат финансиска помош од државата. „Меѓутоа, државата секако и помага инструктивно така што градиме згради или прилагодуваме некои постоечки во кои почетниците можат да изнајмат канцеларии за да се состануваат со потенцијални инвеститори“ додаваат оттаму.
Засега им оди добро – за само една година тука се сместиле повеќе од 1.000 стартапи и 26 компании кои им помагаат. Тоа го прави Station F моментално најголем кампус од овој тип во светот, кој е отворен 24 часа 7 дена во неделата.