Студентката Морган Вејг од одделот за биологија на универзитетот во Орегон, откри можно решение за еден од најгорливите проблеми на човештвото денес – огромните количини на отпад од пластика. Таа открила бактерија која може да ја „јаде“ пластиката и да ја разложува.
Како што пишува Independent, микробите кои таа ги открила ја разложуваат PET пластиката која е најчестиот тип на пластика во светот и се наоѓа во облека, шишиња и амбалажи на кои им треба околу еден век за да се разложат. Годишно се фрлаат околу 300 милиони тони пластика, а само 10% се рециклира.
Според студентката, доколку процесот се забрза, тоа би одиграло голема улога во решавањето на проблемот. Таа почнала да истражува за бактерискиот метаболизам и одлучила да тестира микроби од почвата и водата околу рафинериите во Хјустон со цел да открие дали можат да разложат материјали како пластика.
„Потрага заврши со откривање на три бактерии кои го имаат ензимот потребен за разложување на пластика, но само една од нив ефективно ја разложуваше пластиката претворајќи ја во храна и оставајќи нус-продукти кои понатаму не се штетни за околината“, изјавила Вејг.
Следниот чекор кој Вејг планира да го спроведе заедно со својот ментор на истражувањето, професорот Џеј Мелиес е да тестираат дали бактеријата ќе делува на ист начин и со друг тип на пластика. Иако тие велат дека ова не е финално решение за проблемот со пластичниот отпад, сепак е дел од решението.
Тие додале дека не се работи за генетски модификации, напротив, бактеријата егзистира во природата, а тие само нашле начин како да ја изолираат и да ја адаптираат пластиката за да може бактеријата да ја разложи.