Поради недостиг од работна сила од одредени струки словенечките компании во потрага по адекватни профили на работници веќе некое време се вртат кон соседните земји. Од почетокот на овој месец укината е забраната за вработување хрватските работници, но недостигот од работна сила е толку голем, а стопанството во подем што нема да биде доволна само оваа забрана.
Словенечката компанија за испусни автомобилски системи Akrapovič недостигот од работници заварувачи го реши на навистина иновативен начин. Компанијата на постојните вработени кои ќе препорачаат или ќе донесат потенцијални идни работници им дава по 250 евра. Благодарение на ваквата стимулација за многу краток рок се отворени дури 80 нови работни места, додека дел од работниците пристигнува од стручни школи од земјите од регионот.
„Школите за заварувачи образуваат до одреден степен, а потоа учениците доаѓаат кај нас на практична обука. Ако се докажат, ги вработуваме“ вели извршниот директор на Akrapovič, Урош Роса. На новодојдените работници им помагаат при пронаоѓањето сместување, им плаќаат часови по словенечки јазик, а и самите работодавци учат српски и хрватски за полесно да можат да се разберат со вработените. Ова е дел од стратегијата која мора да ја применат словенечките работодавци доколку сакаат да ги задржат квалитетните работници и како што објаснуваат компаниите, не е толку битно како ќе се привлечат работниците, туку како да се задржат.