Рок Стариќ во јуни годинава беше прогласен за најдобар млад претприемач во Словенија и тоа благодарение на неговата линија производи од јаткасти плодови Rok’s nut butter, кои преку онлајн продажба дојдоа до големите малопродажни синџири во Словенија и во Австрија
„Tајната“ на успехот е во пристапот кој го негува компанијата Rok’s nut butter која во голема мера го слуша и применува мислењето на купувачите. Компанијата одржуваат редовна размена на мислење со нив преку социјалните мрежи. Постои и блог со рецепти во кои се користат некои од производите на Рок, како и Rok’s nut YouTube канал, на кој може да се погледнат видеоматеријали за потеклото на суровините кои се користт за изработка на природен путер и други производи во портфолиото на Рок.
Интересот на купувачите и добрата покриеност на целиот пазар во првиот квартал од годинава на компанијата Rok’s nut butter ги донесоа посакуваните финансиски показатели: 120.000 евра приход и 21.000 евра добивка. Стариќ сега најави ширење на пазарите во Германија, Хрватска и други земји, а за Poslovni dnevnik откри повеќе детали за својата бизнис приказна, која почна во 2015 година со производство на 100% природен путер од кикиритки.
Кога и како почнавте со производство? Со кои количини работевте на почеток, а со кои сега?
Почнавме во 2015 година, кога беа направени првите тегли путер од кикиритки за нашите поддржувачи на кампањата на Kickstarter. Првите количини кои ги правевме беа неколку килограми неделно, кои веднаш беа пласирани на пазарот. Мотивацијата за работата дојде од разни страни. Своевремено со еден пријател се обложив дека ќе изгубам одреден број килограми. Путерите од кикиритки кои тогаш ги наоѓав по продавници поради големата количина шеќер и сол не ги задоволуваа моите потреби по тренинзите, па почнав да правам сопствен путер од кикиритки со акцент на високата содржина незаситени масти, протеини и влакна. Прво го тестирав на себеси, па кај семејството и пријателите, а кога видов позитивни реакции, одлучив да го пласирам на пазарот.
Од каде ги набавувате суровините и каква е нивната цена?
Користиме врвни кикитирки од Аргентина и врвни бадеми од Шпанија. За цените е тешко да се зборува затоа што зависат од количината, од времето на бербата и многу други фактори, но со сигурност можам да ви кажам дека тешко може да се најдат партнери од доверба кои можат да ви овозможат се што ви треба.
Асортиманот го проширивте со нови вкусови, амбалажи и нови производи како сладолед од кикиритки. Како развивате нови производи и кои се продаваат најдобро?
Нашата цел е да ги направиме најдобрите путери за нашите корисници и тоа е она со што се занимаваме. Новитетите во асортиманот настанаа така што на веќе познат производ му додадовме нови состојки. Нашиот бестселер и понатаму е природниот путер од кикиритики, но се повеќе му се приближува путерот од ореви.
Најавивте ширење. Кои земји ви се најинтересни?
Планираме експанзија во Балтичкиот регион и во сите соседни земји околу Словенија. Во моментот сме фокусирани првенствено на пронаоѓање партнери и дистрибутери кои би не поддржале на тие пазари.
Накратко опишете ни ја филозофијата на компанијата. Колку вработени имате и планирате ли нови вработувања?
Органскиот раст, едноставните производи и страста ќе ја донесат компанијата на повисоко ниво. Исто така, треба да се запамети дека ништо не се случува преку ноќ. Тимот моментално е составен од 5 луѓе, а бројот варира во зависност од годишното време. Наскоро планираме и нови вработувања.
Дали веќе имате патентирано уред замелење кикиритки, како што најавивте, со цел зголемување на производството? По што ќе се разликува тој од останатите на пазарот?
Тешко е да се патентира нешто што постои неколку децении, но ако имате свој рецепт, и тоа е возможно.