Ова е најеколошкото училиште во светот. Училиштето Green School е основано во 2008 година на островот Бали од страна на канадскиот милионер Џон Харди.
Харди објаснува дека училиштето е замислено да функционира како еден зелен вртлог, од кој ќе произлегуваат идните „зелени“ лидери во светот, затоа што токму тоа и е потребно на планетата Земја сега.
Училиштето е целосно направено од бамбусови стебла, а енергија добива исклучиво од соларни панели. Храната за кафетеријата се одгледува во органска градина. Екологијата е основниот принцип на установата и инкорпорирана во секој предмет кој се учи во училиштето.
Четиристотини ученици кои го посетуваат Green School се поттикнуваат да станат креатори на нови иницијативи во иднина.
„Мислам дека сите треба да почнеме да го користиме нашиот мозок и да почнеме да дизајнираме и да градиме повеќе работи за да и помогнеме на животната средина“, вели еден од учениците.
Пред четири години учениците направија проценка на колку училишните автобуси, кои секој ден поминуваат 4.000 км, емитуваат јаглероден диоксид.
„Решивме дека треба да преземеме нешто и почнавме да рециклираме употребено масло за готвење за да добиеме биодизел гориво“, вели друга ученичка.
Секоја среда учениците одат по локалните ресторани и го собираат употребеното масло за пржење и го претвораат во биогориво. Сега училиштето има четири автобуси на био-гориво.
Во 2013 година две сестри, Изабел (10) и Мелати Вијсен (12), кои го посетувале Green School, почнаа кампања за пластичниот отпад. Тие беа рангирани меѓу 100-те најинспиративни жени во светот од страна на Forbes.