Само 13% од океаните во светот се недопрени од човекот

- Advertisement -

Според една неодамнешна студија на Wildlife Conservation Society, само 13% од океаните на планетата Земја се незасегнати од човечките активност како риболов, загадување. Истражувањето ја направи првата системска анализа на океаните на Земјата и откри дека единствените недопрени делови од човекот се во некои заштитени делови од Тихиот Океан и околу половите. Но, дури и тие води наскоро ќе станат небезбедни територии за морскиот свет.

Истражувањето следува откако две други истражувања во јануари и февруари годинава открија дека мртвите зони за морскиот свет се зголемиле четирикратно од 50-тите години наваму, а индустрискиот риболов се врши на речиси половина од океаните во светот, пишува Inhabitat.

- Advertisement -

„Се стаписавме кога видовме колку малку морска дивина останала во светот. Океаните се огромни, покриваат околу 70% од нашата планета, а сепак сме успеале да наштетиме речиси на целиот тој простран екосистем“, вели Кендал Џоунс, главен истражувач на проектот.

Причината за ваквото влијание на човекот се должи на огромните рибарски флоти, глобалниот воден транспорт и загадувањето од копното. Ако сето тоа се додаде на ефектите од климатските промени, не е ни чудо што сме дошле до ова дереџе. Сепак, само 5% од останатиот див морски свет се наоѓа во заштитени области.

- Advertisement -

„Не само што треба да ја цениме природата за да ја заштитиме, за целата Земја е многу битно да има такви недопрени морски предели кои функционираат на начин како што го правеле тоа со илјадници години. Таму се одвиваат еколошки процеси кои овозможуваат Земјата и климата да функционираат нормално, а ако ги нема, ќе забележиме ефекти со драстични и непредвидливи последици“, додава Џоунс.

Како одговоро на барањата од научниците да се стави статус на заштита за длабоките мориња, конвенцијата Law of the Sea (Законот на морето) на Обединетите нации има планирано преговори за да се потпише договор во септември годинава. Дебатата ќе се фокусира на намалување на субвенциите за рибарење, на што владите ширум светот трошат повеќе од 4 милијарди долари. Според Џоунс, риболовот би бил непрофитабилен бизнис ако ги нема тие субвенции.

Сподели!
- Advertisement -