Небото повеќе не е граница за заљубените кои бараат необични начини да го одбележат бракот. Една јапонска компанија сега на нововенчаните им нуди да испратат плакети во вселената. Warpspace е стартап со седиште во Цукуба, во близина на Токио, кој понуди нова услуга во партнерство со локален хотел.
За околу 270 долари новите брачни парови кои ќе се венчаат во хотелот добиваат можност да им се изработи плакета со нивните имиња. Плакетите се направени од титаниум со димензии 16х8 мм, а во вселената ќе ги носи минијатурен сателит, пишува DailyMail.
Сателитот ќе биде пренесен до Меѓународната вселенска станица, а потоа во вселената ќе го пуштат астронаути. Клиентите ќе добијат фотографии од вселенскиот брод кој ќе ги носи нивните плакети меѓу ѕвездите.
„Се уште не можеме сите да патуваме во вселената, но можеме да ја испратиме нашата љубов таму. Сакам да им помогнам на луѓето да ја споделат својата среќа со вселената. Сакаме вселената да ја направиме место кое е достапно и за обичните луѓе, каде што ќе можат да уживаат и да го користат“ велат од Warpspace.
Лансирањето на сателитот со плакети ќе се случи идната година, но наскоро ќе почнат да примаат нарачки за изработка на плакети. Сателитот ќе остане во Вселената една до две години и евентуално ќе согори кога ќе се враќа во Земјината атмосфера.