Бектеши: Над 120 компании добија финансиска поддршка за подобрување на конкурентноста

- Advertisement -

Министерот за економија, Крешник Бектеши, на прес-конференција информираше за реализацијата на дел од мерките за поддршка на мали и средни претпријатија, како дел од Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво за 2018 година.

„ Во втората половина од минатата година со ребалансот на буџетот овие средства ги зголемивме за цели 180 проценти, па претприемачите имаа на располагање солидна сума од 25 милиони денари. Годинава таа поддршка ја зголемивме за дополнителни 60 отсто, односно издвоивме 38 милиони и 390 илјади денари, а програмата ја збогативме со нови мерки, креирани на барање и во корист на претприемачите“, рече Бектеши и додаде дека средствата биле поделени по принципот „прв дојден, прв услужен“.

Од 13-те мерки за Поддршка на развојот на мали и средни претпријатија, министерот посочи, најатрактивна била мерката финансиска поддршка за микро, мали и средни претпријатија за која се издвоени и најмногу средства, и тоа 20 милиони денари, а максималниот износ на субвенција по фирма беше 5 илјади евра. Годинава 81 фирма доби средства, главно за набавка на опрема, алати или за проширување на производството или дејноста. Со мерката субвенционирање на трошоци на занаетчии, за која беа издвоени вкупно 2,2 милиона денари, поддршка добија 19 субјекти, за женско претприемништво со обезбедените 2 милиона денари поддржани се 16 жени претприемачи, а за сертификација на системи за квалитет според ISO стандарди буџетот од 800.000 денари беше распределн помеѓу 12 фирми.

- Advertisement -

Во моментов активни се јавните повици за кофинансирање на проекти на занаетчиски комори и еснафи, за кофинансирање на трошоците за едукација на вработените лица, за поддршка за основање на 1 нов технолошки парк во рамки на универзитетите во Република Македонија, за покривање на дел од трошоците за одобрени проекти по ЕУ програмите COSME и за воведување и сертифицирање на ХАЛАЛ систем.

Бектеши апелираше до компаниите да аплицираат и за тековните јавни повици, за преостанатите мерки со кои нашите мали и средни претпријатија ќе добијат помош во достигнување на што повисоко ниво на конкурентност и остварување на нивните предвидени деловни активности.

- Advertisement -

Макфакс

Сподели!
- Advertisement -