Македонија минатата година произведе 705 илјади хектолитри пиво, наведува Државниот завод за статистика. Од него најмногу пиво се извезе во Косово, додека, изнанадувачки, најмногу се увезе од Романија
Во Европската Унија во 2017 година се произведени над 41 милијарда литри пиво, покажуваат податоците на Еуростат, што е за 2,5 милијарди литри повеќе во однос на 2016 година. Расчленето, ова производство на пиво во ЕУ, покажува дека секој жител на Унијата испил по речиси 81 литар.
Дополнително, во ЕУ се произведени околу 900 милиони литри или два отсто безалкохолно пиво, односно пиво со помалку од 0,5 проценти алкохол или без алкохол.
Германија – најголем производител на пиво во ЕУ
Две третини од производството на пиво во ЕУ доаѓа од шест земји членки. Германија е најголем производител на пиво во 2017 година со 8,1 милијарди литри или 20 проценти од вкупната продукција во ЕУ. Со други зборови, секое петто пиво во ЕУ е произведено во Германија. По Германија следи Велика Британија со 5,6 милијарди литри производство (14 проценти), Полска четири милијарди литри (10 проценти), Холандија 3,9 милијарди литри (девет проценти), Шпанија 3,6 милијарди литри (девет проценти) и Белгија со 2,4 милијарди литри (шест проценти).
Споредено со 2016 година, Холандија бележи најголем раст, од 48 отсто, на производството на пиво. Втора е Велика Британија со раст од 14 проценти и Португалија со 11 проценти. За споредба производството на пиво во Грција е намалено за девет проценти, во Словачка за пет проценти и во Бугарија и Литванија по четири проценти.
Во регионот најголем производител на пиво минатата година беше Србија со произведени 541 милион литри пиво, по што следи Бугарија со 485 милиони литри пиво, Грција со 384 милиони литри, Хрватска со 333 милиони литри, Босна и Херцеговина со 93,6 милиони литри и Црна Гора со 37,7 милони литри пиво.
Спред податоците на Државниот завод за статистика во Македонија минатата година произведени се 705 илјади хекто литри пиво. Производството на пиво на годишно ниво во земјата бележи континуиран раст, од 621 илјада хекто литри во 2013 година, на 641 илјада хекто литри во 2014 година, 642 илјади хекто литри во 2015 година, на 672 илјади хекто литри пиво во 2016 година.
На територија на Македонија има пет регистрирани пиварници и тоа Пивара Скопје, Прилепска Пиварница, Битолска Пиварница, Кожувчанка Кавадарци и Горска.
Македонија најмногу пиво извезува во Косово, а увезува од Романија
Минатата година од Македонија извезени се осум милиони и 61 илјада литри пиво, а увезени се седум милиони и 307 илјади литри пиво.
Најмногу пиво минатата година е извезено во Косово, односно три милиони и 292 илјади литри пиво во шишиња и еден милион и 223 илјади литри пиво во амбалажа до 10 литри. Следува Албанија со извезени 989 илјади литри пиво во шишиња и 175 илјади литри пиво во амбалажа до 10 литри и Австралија со извезени 108 илјади литри пиво во шишиња.
Интересно е дека во Србија извезени се само 101 илјада литри пиво во шишиња, додека пиво во амбалажа од над десет литри се извезени еден милион и 974 илјади литри пиво.
Според податоците од Макстат базата, во 2013 година во Македонија вкупниот извоз на пиво изнесува седум милиони и 704 илјади литри, додека увозот изнесува осум милиони и 499 илјади, во 2014 година извезени се седум милиони и 119 илјади, а увезени шест милиони и 26 илјади литри пиво. Во 2015 година извезени се седум милиони и 996 илјади, а увезени шест милиони и 310 илјади литри. Во 2016 година извозот е зголемен на седум милиони 391 илјади, а увезени шест милиони 131 илјади литри.
Најмногу пиво минатата година е увезено од Романија, од каде во земјата влегле еден милион и 807 илјади литри пиво, потоа 551 илјада од Полска и 385 илјади литри пиво од Бугарија.
Според податоците од Макстат базата, најмногу пиво во шишиања во 2016 година од Македонија е извезено во Косово, каде се извезени три милиони и 293 илјади литри, потоа следи Албанија со 960 илјади и Австралија со 121 илјади литри, додека најмногу пиво е увезено од Романија еден милион и 502 илјади, 509 илјади од Бугарија и 389 илјади литри од Полска.