Нова енергетски ефикасна фасада ќе добие основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ во општината Кисела Вода во Скопје. Со новата фасада ќе се обнови целосно изгледот на училиштето и ќе се овозможи заштедa на енергија од околу 30 отсто, од досегашните трошоци за оваа намена.
Донацијата во износ од 5 милиони денари за новата фасада ја обезбедува Цементарница УСЈЕ АД Скопје, во соработка со општината Кисела Вода.
На потпишувањето на договор за реализација на донацијата главниот извршен директор на УСЈЕ, Борис Хрисафов истакна:
„ Нашата компанија има стратешка определба да го поддржува образованието и да помага во подобрување на образовните процеси во локалната заедница. Ние активно и секојдневно сме вклучени преку различни проекти во училиштата од Кисела Вода и искрено се надевам дека успеавме да дадеме свој придонес во унапредување на условите во нив. Оттука овој проект што сега го почнуваме за обнова на фасадата е јасен показател за нашата долготрајна определба да бидеме нераскинлив дел од локалната заедница“
Почнувајќи од 2010 година, УСЈЕ започна со проект „Партнерство со училиштата“ за поддршка на државните училишта во општината Кисела Вода. Целта на проектот е подобрување на безбедноста и здравјето и еколошките услови во нив. Со активностите во рамките на овој проект опфатени се осум основни училишта, едно училиште за деца со посебни потреби и две градинки лоцирани во четири различни објекти со 6650 деца и 671 вработени, на територијата на општината Кисела Вода.