Цртани филмови, сликовници, песнички, видеоигри – низ сите овие форми Биби ќе влезе во вашите домови
„Јеееј“ …Биби, девојчето со сини очи, црна коса и неверојатна желба за учење наскоро ќе ги освои срцата на сите деца од Македонија. Храбра, вредна, секогаш подготвена да помогне, Биби ќе биде гостинка во сечиј дом…
„Јеееј“, извикува Биби секогаш кога ќе почувствува неизмерна радост, кога е воодушевена, кога открила нешто ново. А таа секој ден открива нови работи, замислува нови светови во кои сѐ е возможно. Бидејќи таа е вистинска сезнајка, а и на секој чекор гледа нешто што ја воодушевува, овој извик ќе го слушате често.
Биби е македонски производ. Сѐ започна од желбата на тимот на Факултети.мк и Деца.мк да создаде лик со кој ќе се поистоветат нашите деца. Така се роди „Бибиленд“. Семејството ни се прошири и му се придружија илустраторот Тхе Мичо и режисерот Гоце Цветановски.
На приказната за Биби лесно и со задоволство „загризаа“ и драматургот Билјана Црвенковска и актерката Слаѓана Вујошевиќ, која го позајми гласот за нашата Биби.
Од наредната недела очекувајте ги првите изненадувања од Биби. Таа е мало девојче кое зборува литературно. Таа не вели точак, туку велосипед. Најмногу се нервира кога ќе ѝ кажат дека има плави очи. Зашто таа има сини! И сака сите деца да го научат македонскиот литературен јазик. Со помош на сликовници, книги и едукативни видеа ќе им помогне во тоа.
Биби умее убаво да зборува и да објаснува, па може да им помага на другите деца во учењето. Таа е експерт за објаснување математика, физика. Омилена книга ѝ е детската енциклопедија, која од збор до збор ќе им ја раскажува на сите деца.
Децата најмногу сакаат да гледаат цртани филмови, а Биби ќе им ја исполни и оваа желба. Таа е главниот лик во новите анимирани филмови за деца. Биби на свој начин ќе раскажува сказни, на сите деца ќе им покаже како изгледа нејзиниот свет полн со фантазија и убави нешта. Таа и нејзиниот омилен другар Боби ќе доживеат многу авантури и ќе покажат дека пријателството е најважно на светот и дека за добар другар, вреди да се направи сѐ.
Драги деца, Биби понекогаш знае да се прави многу паметна, а знае и да биде малку вообразена. Но, верувајте, ќе ја сакате најмногу на светот. Со нетрпение чекаме да ја запознаете!