Нови лоши вести за сите идни патници на Марс. Тим од научници од Универзитетскиот медицински центар во Џорџтаун открија дека галактичката космичка радијација на која ќе наидат астронаутите во текот на долгите патувања може да предизвика големи оштетувања на нивниот дигестивен систем.
Тие изложувале животинско ткиво на вештачки космички зраци и откриле дека радијацијата предизвикува и моментални и долгорочни здравствени проблеми. Децениите истражувања во вселенската медицина откриваат дека вселената е поштетна за човечкото тело отколку што било познато. Ова особено важи за подолги престои во вселената и изложеност на космичка радијација, како што се патувањата до Марс.
Меѓу ризиците со коишто се соочуваат патниците се канцер од типот на леукемија, оштетување на мозокот и на нервниот систем, како и општа влошена состојба поради радијацијата. Но, изгледа дека и дигестивниот систем страда од космичката радијација.
Според истражувачкиот тим, клавната причина за тоа се космичките јони на тешки метали како железо и силикон, кои се движат речиси со брзина на светлината. Тие честички се толку тешки и се движат толку брзо што кога ќе удрат во живи клетки можат да предизвикаат огромна штета.
За да го утврдат ефектот на тие честички врз астронаутите истражувачите бомбардирале глувци со ниски дози железна радијација во Лабораторијата за вселенска радијација на НАСА. Потоа резултатите биле споредени со глувци кои биле изложени на ренгенски зраци, пренесува Inhabitat.
Било откриено дека јоните имаат многу штетно влијание врз дигестивниот систем, кој е обложен со самообновувачко ткиво и мукозни клетки. Тие клетки се регенерираат секои 3-5 дена. Овој е сложен процес кој го попречуваат тешките јони и доведуваат до намалена способност за примање хранливи состојки и зголемен ризик од рак.