Synapse Aviation е македонски старт-ап кој е еден интересен микс од пилоти, инженери, дизајнери и програмери. Малиот, ефикасен тим од осум луѓе на глобалниот пазар ја понуди иновативната алатка Airport Briefing која им помага на пилотите при слетувањето на аеродромите низ светот
Филип Арсов е електро инженерот во овој тим и CEO на Synapse Aviation. Тој за Иновативност раскажува дека својата прва компанија Synapse Group, која сеуште успешно работи дизајн и развој на веб страни и 3Д визуелизации, ја основал пред десет години, а пред две и Synapse Aviation. Таа е партнерство со капетанот Кочо Мојсов, пилот на Boeing 777, со долгогодишно искуство на летање за најреномираните светски авиокомпании. Неговата експертиза е темел за развој на оваа алатка, која тимот на Synapse Aviation претендира да биде “game-changer” во авио-индустријата. Дел од тимот се и Александар, Владимир, Александра, Филип(че), Марко и Дејан, како и надворешните соработници Солвео кои се задолжени за дигиталниот маркетинг и промоција.
Г-дин Арсов, вашата старт-ап компанија Synapse Aviation на пазарот донесе еден многу уникатен производ, софтверот Airport Briefing. Може ли да ни објасните за што точно се работи?
Airport Briefing е софтвер со кој пилотите како крајни корисници, ја зајакнуваат својата способност да идентификуваат потенцијални опасности и пречки при слетувањето и полетувањето, односно преку тренинг со апликацијата да ги елиминираат во што поголема мера изненадувањата што може да се случат при летање кон или од одреден аеродром, кој што е помалку или воопшто познат. Во суштина, Airport Briefing е платформа преку која се сервираат потребните информации на ефективен и ефикасен начин преку интерактивна 3Д визуелизација на истите. Овој пристап го прави производот уникатен во авио индустријата, а посебно во областа наречена “airport briefings” чија главна цел е запознавање на пилотот со аеродромот на кој што оперира.
Како дојдовте до идејата да развиете алатка за оваа специфична професија?
Идеата за развој на алатка за авио индустријата, се разбира дојде како одговор на проблемите со кои се соочуваат пилотите во секојдневното работење. Увидот за проблемот кој го решаваме дојде од мојот пријател, пилот, кој е всушност и партнер во компанијата. Airport Briefing е директен резултат на барањата и потребите на група од искусни пилоти, кои летаат за најголемите интернационални авио компании, на кои им е потребна алатка како нашиот производ. Функционалностите на Airport Briefing се осмислени од пилоти и наменети за пилоти. Затоа и еден од слоганите кои ги користиме е: Built from pilots for pilots.
Какви податоци содржи софтверот за секој аеродром? Какви сѐ информаци може да добие пилотот?
Софтверот моментално содржи информации за 520 аеродроми, но целта е да стигнеме до 4.000 аеродроми, со што би ги опфатиле најчесто користените дестинации низ цел свет. За секој обработен аеродром софтверот содржи 3Д терен од аеродромот и околината во радиус од најмалку 100 километри. Теренот е интерактивен и може да се види во услови на намалена видливост (ноќ и магла). За аеродромот прикажуваме најразлични видови информации, како на пример должина и ширина на пистите, тип на светла кои се користат, авторизации за различни типови на авиони, координати, временски услови, дозволени брзини, активни системи за навигација и уште многу други корисни информации. Исто така, во рамките на интерактивниот 3Д модул, постои интегрирана алатка за цртање наречена “Pen Tool” со која корисниците можат да цртаат, коментираат и креираат извештаи за одредена ситуација на аеродромот или околината и истата да ја споделат со други пилоти или лица од интерес.
Airport Briefing е замислен како интерактивна платформа, па една од функционалностите наречена “Reporting” овозможува пилотите да можат да ги споделуваат своите искуства и знаења во врска со одреден аеродром, со што се добива дополнителна вредност на содржините поткрепено со личните искуства на пилотите.
На кој начин доаѓате до клиентите, како го промовирате производот?
Користиме комбинација од повеќе начини на промоција и продажба на производот. Пред се тоа е дигиталниот маркетинг и тоа: квалитетна веб страна, избалансирана имеил промоција, активности на YouTube, Facebook, Instagram, Twitter, како и директна продажба преку LinkedIn. Верзијата на Airport Briefing наменета за општа употреба (B2C) е достапна на AppStore, додека верзијата прилагодена за авиокомпаниите (B2B) ја промовираме на саеми од авио индустријата, преку директни контакти, продажни партнерства и секако преку дигиталните канали.
Колку пилоти, односно компании го користат Airport Briefing, какви се нивните импресии досега?
Моментално iPad верзијата на софтверот ја користат околу 5.000 пилоти од преку 200 земји низ целиот свет. Во текот на овој месец планираме да ја објавиме и iPhone верзијата, со што очекуваме бројот на корисници брзо се зголеми. Инаку, апликацијата е достапна на AppStore од јули годинава. Во однос на авиокомпаниите, Airport Briefing моментално се имплементира во реномираната авиокомпанија SunExpress од Турција која има 550 пилоти. SunExpress е формирана од Lufthansa и TurkishAirlines и е првиот клиент за B2B моделот на Airport Briefing. Исто така, моментално нашиот производ се разгледува уште од 10-тина реномирани авиокомпании како Cathay Pacific, TUI Fly, TAP Air Portugal, JetAirways и други.
Како софтверот се прилагодува на одредени промени што можат да се случат на аеродромите?
Сите содржини што се презентираат во софтверот се подложни на редовна инспекција и контрола. Нивната актуелност и релевантност се составен и важен дел од квалитетот на производот. Нашите напори во делот на ажурирањето на податоците се тие да бидат што е можно поавтоматизирани, а со тоа навремени и точни.
Планирате ли доработување на алатката во иднина?
Сe разбира. Од долгата листа на планирани активности би ги издвоил тие поврзани со доработката на Android и Windows верзиите кои би биле достапни на соодветните онлајн продавници GooglePlay и WindowsStore. Исто така битни подобрувања гледаме во автоматизација на одредени процеси поврзани со содржините во софтверот. Во овој дел би спомнал и одредени прилагодувања за различни целни групи како: авио компании, бизнис џет оператори, центри за обука за летање итн. На крајот би додал дека одредени подобрувања и доработки ќе зависат од реакциите на пазарот и крајните корисници од кои најмногу учиме.
Бевте еден од трите победници на старт-ап игрите во рамките на Western Balkan Summit 2018 во Лондон. Кажете ни повеќе за ова искуство!
Го освоив бронзениот медал на Старт-ап игрите во Лондон, во конкуренција на 40-тина компании од Западен Балкан. Тоа беше натпреварување во кое се оценуваа презентациско-продажни вештини (pitching) и вештини на вмрежување (networking) во симулирани околности на разговори со инвеститори. Како еден од победниците на натпреварот, станав дел од Global Entrepreneurship Program (GEP) креирана од Department for International Trade of UK, проект на британската влада насочен кон раст и развој на стартап компании. Во рамките на програмата, веќе остварив посета на Лондон во која се запознав со влијателни луѓе, компании и организации кои се надевам ќе ни помогнат во понатамошниот развој.
Кажете ни нешто за себе и за тимот зад Synapse Aviation што работеше на софтверот
Нашиот тим со својата посветеност и знаење покажува врвна професионалност и квалитетна услуга. Исто така во тимот на Synapse Aviation е и нашиот борд на советници, искусни професионалци од индустријата кои со своето искуство и знаење несебично помагаат Airport Briefing да се развие во бренд кој ќе го направи летањето уште посигурно, а сите нас поповрзани и поблиску едни до други.
Еден од клучните фактори за успех на било кој старт-ап или компанија воопшто, се луѓето. Покрај времето или тајмингот(“timing”) на делување, идејата и финансиите, тимот е клучен за остварување на целта. Ова посебно е изразено кога претходно наведените фактори не доминираат во равенката.