Со оглед на тоа дека научниците не очекуваат во блиска иднина да имаат контакт со прашината од Марс, тие создадоа вештачка марсовска прашина. Црната почва која претставува вештачка марсовска прашина ја направија астрофизичари од Универзитетот на Централна Флорида, а целта е научниците да имаат нешто што е блиско до вистинска вонземска почва. Прашината ќе може да се користи за тестирање како виреат билки во неа, за опрема за истражување и слично.
Килограм од вештачката прашина ќе чини 20 долари, а Вселенскиот центар на НАСА, „Кенеди“, веќе испрати нарачка. „Симулантот е корисен за истражување затоа што нашата цел е да отидеме на Марс. Доколку навистина го сакаме тоа, ќе ни треба храна, вода и сл. Додека развиваме решенија, ни треба начин да ја тестираме оваа нова идеја“, вели истражувачот Ден Брит.
Вештачката марсовска почва е направена по моделот на вулканската почва богата со железо која се наоѓа на површината од Црвената планета. Марсовската почва е разнолика – има глина, песок и солена прашина. Лабораторијата планира да користи стандардизирани методи за проиводство на симулантите, така што тие што планираат да одат на Марс да можат да прават вистински експерименти.