Во еден свет кој е целосно фокусиран на одржливоста компанијата Ochis Coffee е во тек со трендовите и ги претстави првите очила во светот направени од кафе и лен. За разлика од стандардните пластични рамки, овие очила кои имаат неодолив мирис на кафе се биоразградливи. Според компанијата, очилата се разложуваат 100 пати побрзо од традиционалните и се претвораат во природно ѓубриво за билките.
На елегантните очила може да се постават и леќи со диоптер или да изберете една од четирите бои на стакла кои ги нудат. Рачките на очилата се флексибилни се прилагодуваат на секаков облик на лице, а делот кај ушите уште повеќе придонесува за удобност, пишува Inhabitat.
Генијалецот кој е одговорен за очилата е Макс Гавриленко, кој како дете го набљудувал својот татко како работи во оптика. Гавриленко сакал да направи нешто поинакво и по напорно истражување и развој, тој се подготвува да стартува кампања на Kickstarter за да ја финансира изработката на првите пет модели на органски очила.
Додека повеќето компании се фокусираат на барање замена за пластиката во бамбусот, Гавриленко и неговиот тим развија процес со кој се елиминира нафтата и се користи биополимер напрацен од кафе, прав од лен и природен лепак направен од соино масло. Доколку имате градина, знаете дека кафето е добро за почвата, па така и овие рамки ќе се разложат на крајот од секој циклус и ќе станат ѓубриво за почвата. Се очекува цената на очилата да биде од 69 до 120 долари.