Според процената на ФАО, околу една третина од целата храна произведена на глобално ниво, за човечка исхрана, се губи или фрла секоја година. Загубите и фрлањето на храната ги зголемуваат цените, ја намалуваат достапноста на храна богата со хранливи материи и го намалуваат приходот на малите земјоделци, кои се главни производители на храна. Исто така, ова придонесува кон емисиите на стакленички гасови и негативните ефекти од климатските промени.
Во Европа и Централна Азија, особено во земјите кои не се членки на Европската унија, загубите и фрлањето на храна претставува огромен, постојан и комплициран проблем, кој се однесува на сите чинители во вредносните синџири за исхрана, политиките, економиите и пазарите, однесувањето на луѓето и културата, социјалните услови, технологијата, инфраструктурата и инвестициите, со посебна импликација врз природните ресурси и климатските промени.
Адресирање на овој проблем е дел од глобалната иницијатива на ФАО – SAVE FOOD (ШТЕДЕТЕ ХРАНА) за намалување на загубите и отпадот од храна – која во Европа и Централна Азија ја координира Роберт ван Отердајк од ФАО. Во продолжение следува кратко интервју со господинот Отердајк во врска со проблемот.
Кои се главните причини за губење и фрлање на храна во регионот?
– Изразот “загуба на храна” се користи за загуби кои се случуваат во фазата по жетвата. Главните причини се несоодветно складирање, лоши капацитети за зачувување и преработка на храна (главно на лесно расипливи производи), несоодветно планирање на производството, како и лоши пазарни врски помеѓу добавувачите и купувачите.
Во однос на загубите на храна што настануваат во малопродажбата, угостителството и на ниво на домаќинства, проблемите произлегуваат од ниската свест за влијанието на загубите на храна како резултат на небрежност. Проблеми, исто така, произлегуваат од економски причини – на пример, кога фрлањето на храна е поевтино од редистрибуцијата -како и од политиките за храна, законодавството и оданочувањето кои не придонесуваат за намалување на фрлањето на храна.
Кој треба да го реши проблемот – владините актери? Или приватниот сектор би бил поефикасен?
-Имајќи предвид дека храната се фрла претежно во приватниот сектор и домаќинствата, само тие можат значително да ја намалат загубата и отпадот на храна. Сепак, јавниот сектор е тој што треба да создаде поттик и поволно опкружување (преку соодветна легислатива и инвестициска клима) за приватниот сектор да дејствува.
Многу чинители се активни по ова прашање во Европа. Со кого соработува и каква е улогата на ФАО?
-Како резултат на неколку кампањи за подигнување на јавната свеста за проблемот со загубите и фрлањето на храната, се формираа многу организации, институции и компании кои се занимаваат со ова прашање. Покрај чинителите во ланците за исхрана и владините тела, невладините и граѓанските организации се особено активни во преземање иницијативи за намалување на отпадот од храна. Тие често воспоставуваат соработка меѓу производителите, прехранбената индустрија, трговците на мало, добротворните институции и банките за храна за да се прераспредели храната која е изложена на ризик од фрлање. Тие, исто така, организираат јавни настани и дури развиваат рецепти за да им помогнат на потрошувачите да ја зготват храната која инаку би ја фрлиле.
Улогата на ФАО во иницијативата SAVE FOOD е да поттикне заедничка акција, да помогне во истражувањето и информациите онаму каде што е потребно, како и да ги собере и сподели најдобрите практики, решенија и ресурси од целиот свет.
Кои се главните предизвици со кои се соочува иницијативата на ФАО „ШТЕДЕТЕ ХРАНА”?
-Време и трошоци. Намалувањето на загубите и отпадот од храна бара од приватниот сектор да преземе поголема одговорност, дури и ако тоа е поскапо на краток рок, и бара потрошувачите да го променат своето однесување. Ова особено важи за земјите со среден и висок приход – парадокс е што тоа се земјите кои во принцип имаат ресурси да преземат акција.
Уште еден голем предизвик е сложеноста и високата цена за точно мерење и следење на загубите и отпадот од храна.