Иако купувањето цигари и алкохол е забрането за малолетници, голем број млади можат без проблем да нарачаат алкохол во некое кафуле или да го купат во продавница. Треба да се проверува возраста на купувачите во продавница кога се купува алкохол или цигари, но дел од продавниците не го прават тоа, тшо, се разбира, е противзаконски.
Велика Британија одлучи да им стави крај на ваквите проблеми со технологија за која наскоро стартува пилот-проектот во некои продавници, каде што ќе се користи софтвер за препознавање лице и вештачка интелигенција која ќе предвиди колку години има лицето што купува алкохол и ако смета дека е малолетно, нема да го дозволи купувањето.
Овие камери на почеток ќе се интегрираат во самопослужни каси, така што оваа работа повеќе нема да ја вршат луѓе. За купувачите ќе биде побрзо и ќе има помалку губење време затоа што сега за потврда на годините при купување алкохол или цигари мора да викнат некој продавач.
Камерите за препознавање лице во своите самопослужни каси ќе ги интегрира британската технолошка компанија Yoti. Стартот на овој проект во некои од најголемите британски трговски синџири е на крајот на годинава, а ако се покаже ефикасен и успешен, тогаш во текот на идната година ќе се прошири на уште повеќе продавници во Велика Британија.
Ова е брз и иновативен начин со кој купувачите ќе ги потврдат своите години за неколку секунди, вели Робин Томбс, извршен директор на Yoti, и напоменува дека купувачите нема да мора претходно да го регистрираат својот идентитет ниту системот ќе задржува какви било визуелни информации по скенирањето на лицето, што би требало да ги смири сите кои се плашат од нарушување на приватноста и сигурноста.
По Велика Британија, NCR ќе ја претстави оваа технологија и во САД, па и таму можеме да очекуваме камери за препознавање лице инсталирани на касите во продавниците.