Два капитални проекти во последните две години, лидерство во градежништвото, награди за иновации во изградбата и многубројни задоволни купувачи се заеднички именител за компанијата „Адора инженеринг“. Нивното присуство на Технома, саемот на градежништво и Realexpo 2018, како и вредните подароци кои ги подготвија овие денови за своите купувачи беше поводот да поразговараме со Душко Чифлиганец, заменик генерален директор на Адора Инженеринг. Тој за „Иновативност“ ги открива сегашните и идните проекти, планови и инвестиции на компанијата.
Г-дин Чифлиганец, што во моментов е најактуелно во „Адора инженеринг“?
-Во моментов се претставуваме на саемот на недвижности RealExpo 2018, каде сме традиционално присутни уште од самиот почеток на Технома. Годинава се претставивме со бутик штанд за зелено домување, кој е соодветен на проектите што ги претставуваме. „Адора“ минатата и оваа година целосно ги заврши нашите два најкапитални објекти во Скопје. Тоа се Адора Flatiron, кој го пуштивме во употреба лани во декември и Адора Diamond Garden, што го пуштивме во употреба на 28 август, нашиот голем празник Голема Богородица и роденденот на „Адора инженеринг“, која беше основана на овој ден пред 16 години.
Во Адора Flatiron има уште многу малку непродадени станови, помалку од 10, од вкупно 280 станови. Овој објект беше добитник на интернационалната награда за иновативност во стилот и квалитетот на домувањето и исклучително сме горди на ова достигнување. Во „Дијамантската градина“, пак, имаме уште само два непродадени станови, така што излегувањето на „Адора“ на саемот е повеќе репрезентативно, да покажеме што одработивме изминатите две години. Дополнително, го претставуваме и нашиот најнов објект во општина Аеродром, „Црква 3“, каде од 170 станови, 150 се продадоа за само еден месец од добивањето на одобрението за градба. И во овој објект има само уште петнаесеттина непродадени станови.
Важен момент од нашето саемско претставување е скромната најава за плановите за идниот објект во близина на скопски Саем. Тоа е само идејно решение, макета, а целата ни е да го испитаме мислењето на јавноста и на посетителите и од нив да слушнеме како го замислуваат и како најмногу би им се допаднал овој објект. Може да кажам дека овој период е една тампон зона помеѓу завршувањето на минатите инвестиции и планирањето на новите. Тоа се должи и на изминатиот период во кој во Македонија владееше политичка криза која се одрази и на нас во форма на една несигурност.
Но, земјата полека и сигурно излегува од кризата, влезот во НАТО, кој е извесен, нам ни дава оптимизам и мислам дека во иднина сме решени да продолжиме да чекориме уште попрогресивно напред во секторот градежништво-високоградба. „Адора“ за кратко повторно ќе почне интензивно да инвестира во изградба на нашиот најнов објект, кој ќе биде уште еден чекор понапред од сите досегашни.
Често го истакнувате бутик концептот на домување. Ова е нова терминологија кај нас, што точно означува?
-Diamond Garden во август беше добитник на престижната награда доделена од Светската маркетинг федерација во Амстердам за воведување на бутик концептот на домување во југоисточна Европа. Бутик концептот на простор е многу актуелен на светско ниво во последно време. Тој значи дека во било кој простор од објектот да се наоѓаме ќе се чувствуваме како дома. Тоа може да се види и на нашиот саемски штанд, кој е направен токму во тој концепт.
Со истата методологија е изградена и Diamond Garden. Во неа заедничкиот дел од зградата, влезниот хол, двата атриуми, просториите за дружење на станарите, детското игралиште… се сработени како да се дел од домот. Станарите со излегување од станот, во холот, се чувствуваат како се уште да се дома. Тоа е хуман концепт кој сакавме да го истакнеме во Diamond Garden. Објектот има два атриуми кои што служат како извор на изобилство свеж воздух и природна светлина, ходниците не се класични, долги со станови од двете страни, туку се галериски систем, налик на двор во кој кога излегуваш од станот пред тебе гледаш зеленило. Diamond Garden е најголемата внатрешна градина во Европа со 5,5 тони зеленило.
Имате и саемска промоција и повторно давате награди за вашите купувачи кои ќе купат стан во саемските денови.
– „Адора инженеринг“ го продолжува својот концепт секогаш да нуди повеќе од дом. Досега дававме автомобили, патувања и многу други награди, а сега, во рамките на овој саем, за секој купен дом во Flatiron купувачот ќе добие подарок комплетно опремена кујна, по негов избор. На купувачот ќе му се исполнат сите желби и барања за материјалите и боите, а кујните ќе бидат опремени и со премиум бела техника „Електролукс“. Купувачите кои ќе уплатат стан до крајот на октомври, исто така ќе добијат и целосно решение за внатрешното уредување од нашиот архитект Ирена Граорковска. Тоа е вин-вин ситуација. Ирена, како млад архитект ќе добие реална пракса и ќе ги тестира нејзините вештини дали се во склад со вкусот на купувачите, тие, пак, ќе добијат вреден совет од професионален архитект, а „Адора“ ќе го продолжи концептот да нуди повеќе од дом.