Холандската дизајнерка Мaтилде Боелхувер направи серија вештачки цвеќиња кои ја претвораат дождовната вода во шеќерна вода и може да послужат како извори на храна во итни случаи за градските поленизатори. Проектот се вика Food for Buzz. Боелхувер користеше полиестер за да направи пет вештачки цвеќиња, секое со посебни квалитети кои ги привлекуваат најголемите поленизатори: пчелите, бумбарите, колибрите, пеперутките и молците.
Вештачките цвеќиња се дизајнирани да функционираат како извори на храна за инсектите кои живеат во урбани средини во итни случаи, каде што цвеќињата и зелените површини се многу ретки и на голема оддалеченост.
„За мене врската меѓу цвеќињата и инсектите е една од најфасцинантните во природата. Цвеќињата се создадени да им служат на инсектите, а инсектите се создадени да им служат на цвеќињата. Денес кога сите живееме во урбани џунгли направени од бетон и камен, присуството на цвеќињата е помалку природно. Недостигот од цвеќиња резултира со драстичен пад на популацијата од инсекти“, вели дизајнерката.
Секој од вештачките цветови е самоодржлив и е направен од низа ласерски испечатени листови од полистер, а на средината има мал 3Д испечатен сад поврзан со шупливо стебло. Садовите ја собираат дождовната вода, која потоа се транспортира низ стеблото до сад кој содржи шеќер. Растворот од шеќер и вода потоа се испумпува до површината во малите садови.
Боелхувер добила инспирација за проектот откако станала свесна за падот на популацијата инсекти. Според едно истражување во Германија, во текот на последните 27 години популацијата на инсекти се намалила за 75% во урбаните и руралните области. Дизајнерката открила дека тој пад се должи на употребата на пестициди, климатските промени и недостигот од места за живеење и извори на храна за инсектите.
Боелхувер соработувала со ентомолози за на секој цвет да му даде карактеристики кои ќе привлечат одреден вид инсекти поленизатори. Садовите поставени во средината на цветовите се прилагодени на должината на јазикот на конкретен вид инсекти, додека листовите од цвеќињата имаа форма и бои кои им се најпривлечни на тие инсекти.
Дизајнерката сака да ги постави ваквите цвеќиња на површини каде што не растат цвеќиња и да покрие цели згради со нив. Се надева дека во соработка со архитекти, инженери и девелопери ќе може да го имплементира својот проект за да помогне да се зачува популацијата на инсекти на Земјата.